Oкупација на Газа ќе биде мелница за месо во која ќе влезат сите: војниците, заложниците, Палестинците и Хамас

465

Планот на израелската влада за воена контрола врз Газа ќе предизвика повеќе смртни случаи и страдања и мора веднаш да се запре, изјави шефот на Советот за човекови права на ОН, Волкер Турк. Сè уште не е јасно кога би можела да почне проширената офанзива, но се очекува да трае со месеци. Армијата ќе мора да повика илјадници војници, а цивилите ќе мора да бидат присилно евакуирани. Се стравува дека новата офанзива би можела да доведе до уште повеќе палестински жртви. Заземањето на градот Газа е, веројатно, само првиот чекор во планот на премиерот Нетанјаху израелската армија да преземе целосна контрола врз целиот Појас Газа.

 

Планот на израелската влада за воена контрола врз Газа ќе предизвика повеќе смртни случаи и страдања и мора веднаш да се запре, изјави шефот на Советот за човекови права на ОН, Волкер Турк. Во соопштението тој наведува дека израелскиот план е во спротивност со одлуката на Меѓународниот суд на правдата, дека Израел мора што поскоро да ја прекине окупацијата за да постигне решение за две држави и да го оствари правото на самоопределување на Палестинците.

Реакцијата од ОН дојде откако вчера рано изутрината Безбедносниот кабинет на Израел одобри план за преземање контрола врз градот Газа, додека земјата ги проширува своите воени операции и покрај зголемените критики дома и во странство поради разорната, речиси двегодишна војна. Кабинетот на Нетанјаху објави соопштение во кое стои и дека „израелските одбранбени сили ќе се подготват да ја преземат контролата врз градот Газа, а воедно да обезбедат хуманитарна помош за цивилното население надвор од борбените зони“. Според она што е објавено, со оваа операција Израел планира разоружување на Хамас, враќање на сите заложници – и живи и мртви, демилитаризација и израелска безбедносна контрола врз Појасот Газа, како и постоење алтернативна цивилна влада која не е Хамас или палестинска самоуправа. Претходно Нетанјаху за „Фокс њуз“ изјави дека Израел има намера да ја окупира цела Газа, но таква операција засега е одобрена само врз градот Газа.

Сè уште не е јасно кога би можела да почне проширената офанзива, но се очекува да трае со месеци. Армијата ќе мора да повика илјадници војници, а цивилите ќе мора да бидат присилно евакуирани. Се стравува дека новата офанзива би можела да доведе до уште повеќе палестински жртви. Заземањето на градот Газа е веројатно само првиот чекор во планот на премиерот Нетанјаху израелската армија да преземе целосна контрола врз целиот Појас Газа. Во соопштението од неговата канцеларија е избегнат терминот окупација од правни причини поврзани со одговорноста за цивилното население. Но, правните експерти предупредуваат дека ова не го менува фактот дека, според меѓународното право, Израел би имал обврска како окупаторска сила да се грижи за потребите на локалното население.

На објавата за проширување на воената офанзива и планот за окупирање на градот Газа, реагираа и граѓаните од Тел Авив. Медиумите јавуваат дека веќе се развива бран на јавен бунт. Луѓето се загрижени пред сè за заложниците, за кои, како што велат, одлуката за окупација на Газа е смртна казна, како и за војниците кои сè повеќе гинат. Опозицијата е жестоко против. Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид ја нарече одлуката за преземање контролата врз градот Газа „катастрофа што ќе доведе до многу други катастрофи“. Израелски медиуми објавија дека имало жестоки реакции и за време на десетчасовниот состанок на Безбедносниот комитет, на кој се носела одлуката. Според еден портал, началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал Ејал Замир, остро се спротивставил на планот, што според него значи окупација и предупредил на исцрпеноста на израелската армија по речиси две години војна. Весникот „Ма’арив“ вчера објави дека меѓу израелските воени и безбедносни претставници преовладува верувањето дека „повеќето, ако не и сите, преживеани заложници би можеле да умрат“.

– Мислам дека овој потег е лоша вест на краток рок за сите на терен… за израелските војници, заложниците, Палестинците и Хамас. Сите ќе завршат во оваа мелница за месо и тоа ќе биде ужасна трагедија за сите вклучени –  барем на краток рок, рече Поранешниот заменик-командант на специјалните сили на израелската армија Сајерет Маткал, Дорон Кемпел, за „Њуздеј“ на „Би-би-си“.

Во текот на вчерашниот ден се појавија шпекулации дека САД му дале зелено светло на Нетанјаху да го окупира градот Газа. Веднаш потоа „НБЦ њуз“, повикувајќи се на свои извори, објави информација дека американскиот претседател Доналд Трамп и Нетанјаху на крајот на јули имале жесток телефонски разговор во врска со Газа. Наводно, тогаш Трамп му се развикал на Нетанјаху, откако тој го кажал официјалниот став на неговата влада дека, всушност, нема глад во Газа. Телавив  вчера го демантираше ова, а од Белата куќа немаше реакција.

Реагираа и европските лидери. Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека Германија ќе го запре целиот извоз на оружје и воена опрема за Израел, а британскиот премиер Кир Стармер ја повика израелската влада да ја преиспита одлуката. Повици да не се реализира планираната операција дојдоа и од други европски лидери, како и од Кина.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ