Со средства од програмата ИПА 3 за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија, Охрид добива нови алатки за заштита на населението и природата. Преку проектот „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата“, ќе се стави во функција современ брод-амбуланта и ќе се формираат екопатролни тимови во Националниот парк „Галичица“.
Бродот-амбуланта, кој повторно се активира, ќе биде целосно опремен за медицински интервенции и итен транспорт преку Охридското Езеро. Според локалните власти, пловилото ќе претставува прва линија за помош на жителите на брегот и туристите, особено во летниот период, кога езерото е најоптоварено. Неговата улога ќе биде значајна и во зимските месеци, кога пристапот до оддалечените населени места по копно е ограничен. Целта е побрзо и побезбедно згрижување на пациенти од тешко пристапните делови на брегот.
Покрај тоа, во Националниот парк „Галичица“ ќе се воспостават нови екопатролни единици. Тие ќе дејствуваат во спречување на нелегална сеча на шума и неконтролирано ширење на инфраструктурата. Исто така, ќе реагираат и при шумски пожари и други инциденти, а ќе послужат и како поддршка за посетителите на паркот.
Од Општина Охрид очекуваат дека со ова ќе се зајакне теренската заштита на „Галичица“, која со години се соочува со силни урбанистички и туристички притисоци.












