Со фотографии од загубените чеда и со транспаренти, родителите, блиските и пријателите на жртвите од трагедијата во Кочани и денеска излегоа на „Марш за ангелите“ низ градот.
Учесниците на протестот што почна во 16 часот и 5 минути, симболично укажувајќи на задоцнетата институционална реакција, ја поминаа вообичаената маршрута од Паркот на Револуцијата, кон Трговскиот центар, зградата на Општината, Полициската станица и Основното обвинителство и Судот во Кочани. За разлика од претходните маршеви, денеска пред овие институции родителите молчеа.
„Бараме правда“, „Не чекајте твоето дете да биде следно“, „Инспекциите спиеле, децата не се разбудија“, „Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има“, „Каде да фатиме врски да ги вратиме другарите“, беа пораките испишани на транспаренти кои членови на семејствата на загинатите млади во пожарот на 16 март во „Пулс“ во Кочани ги подигнаа пред полициската станица, општината и пред судот во Кочани.
Родител на едно од настраданите деца, повика сепак да не се молчи туку да се зборува затоа што како што рече, молчењето и трпењето доведоа го големата трагедија.
Претходно, родителите на загинатите со писмо информираа дека ја одбиле понудата да се сретнат со премиерот Мицкоски во Владата в понеделник. Велат дека сметааат оти е најдобро средба да се одржи во Кочани.