Одбраната ги оспорува обвиненијата за пожарот во „Пулс“, судењето продолжува на 4 декември

0

На денешното рочиште за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“, одбраната на повеќемина обвинети во своите воведни говори ја оспори основаноста на обвинението. Адвокатите нагласија дека нивните клиенти не презеле дејствија кои би имале директна врска со трагичниот настан, и дека поседувале валидна документација. Тие најавија изведување на докази и сведоци кои, според нив, ќе потврдат дека обвинетите не се одговорни за пожарот и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на лична вина.

Адвокатката Лидија Ристовска, бранителка на обвинетиот Гроздан Милковски, сопственик на објектот, истакна дека договорот за закуп бил склучен за периодот од 1.12.2012 до 1.12.2022 година и дека постапката за издавање е законита. Таа потенцираше, дека Милковски поседувал валидна документација при издавањето, не учествувал во градежни активности и не дал согласност за адаптација на внатрешниот простор.

-Не постои ниту еден доказ од кој ќе може да се утврди дека обвинетиот е одговорен за предизвикување на пожарот. Обвинетиот Милковски не бил известен од страна на првообвинетиот каква дејност ќе се обавува во објектот, а во договорот за закуп не е наведена дејност што оди во поткрепа на фактот дека тој не знаел за што ќе се употребува, рече таа.

Адвокатот на обвинетата Милка Едровска, проектант во Венци Проект, образложи дека Едровска била ангажирана само за изработка на сообраќајно решение за паркинг места, а не за комплетен проект. Додека, Едровска нагласи дека постапувала професионално во рамки на своите овластувања и дека фирмата нема никаква врска со пожарот. Како што рече, при увид на лице место констатирала дека магацинскиот објект е адаптиран во дискотека, но тоа не било нејзина одговорност.

-Не сум јас изведувачот, не сум бирала јас какви материјали ќе бидат употребени внатрешно. Не сум изготвила целосен проект затоа што од мене тоа никогаш не било побарано, рече таа.

Адвокатот потенцираше дека од сите докази ќе се докаже дека не само обвинетата Милка, туку и фирмата Венци Проект нема никаква врска со пожарот.

Застапникот на правното лице Венци проект, изјави дека, како што рече, фирмата е изманипулирана, бидејќи документ со важност од шест месеци бил користен цели десет години.

Адвокатот Александар Новаковски, бранител на Тодор Јованов (брат на Дејан Јованов) нагласи дека Дејан Јованов нема својство на одговорно лице во правното лице и нема надлежност за проверка на влезот и излезот во објектот.

-Точно е дека продавал карти, но тој нема никаква надлежност да врши проверка на влезот и излезот во објектот, а посебно да легитимира, рече тој.

Претходно, сопственикот на клубот „Пулс“, Дејан Јованов, во своето воведно излагање пред судот истакна дека и по девет месеци затвор не може да поверува во трагедијата што се случила. Тој нагласи дека како родител никогаш не би дозволил да недостига нешто во клубот каде што се собираат младите, меѓу кои и неговите деца.

Јованов изрази сочувство кон семејствата на загинатите и повредените, додавајќи дека и неговото семејство ја носи истата болка.

Неговата адвокатка Ивана Коцевска оцени дека обвинетиот е неправедно товарен со институционални пропусти и дека трагедијата е резултат на нефункционалниот систем, а не на лична вина. Таа подвлече дека одговорност мора да постои, но не може да се наметне вина врз Јованов врз основа на траорната последица.

Во во ведниот збор за третообвинетиот Михаил Јованов, Коцевска изјави дека обвинителството не обезбедило ниту еден доказ против нејзиниот клиент и не прецизирало конкретно дејствие што му се става на товар. Таа оцени дека Јованов е обвинет единствено поради тоа што е син на сопственикот на дискотеката.

Најави дека одбраната ќе презентира документи и сведоци кои ќе потврдат дека Јованов не бил дел од управувањето со клубот, туку бил студент и сопственик на своја фирма.

Адвокатот Благоја Јованов, бранител на Митко Стојанов, директор на „МММ кафе“, истакна дека обвинението против неговиот клиент е неосновано и дека нема директна причинско-последична врска меѓу неговите постапки и пожарот.

Тој нагласи дека јавноста и медиумите создале неправеден впечаток за вина пред да биде донесена судска одлука, а обвинителството понудило „теорија на случај“ без конкретни докази и потенцираше дека одбраната ќе презентира докази и сведоци кои, според нив, ќе потврдат дека Стојанов не презел дејствија ниту пропуштил обврски што би имале директна врска со пожарот.

Сите обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, денеска изјавија дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар. Дел од нив упатија сочувство кон семејствата на жртвите и нагласија дека го разбираат обвинението, но, не признаа вина за „тешки дела против општата сигурност“.

Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.

На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.

Судењето продолжува на 4 декември со воведен збор на одбраната на останатите обвинети.

ИЗДВОЕНИ