ОД КРУШЕВО ДО ПРОХОР ПЧИНСКИ – ДВА ИЛИНДЕНА, ЕДЕН ИДЕАЛ: СЛОБОДА ЗА МАКЕДОНИЈА!: Знамиња, пранги, оружје и печати – артефакти и документи, сведоци за непокорот на македонскиот народ

786

Бранко ЃОРЃЕВСКИ

Фото: Петр Стојановски

„Слобода или смрт, Слобода за Македонија“… беа восклици кои пред 122 години почнаа да ги извикуваат илјадници македонски востаници во Крушево, но и низа македонски подрачја станувајќи во решавачка битка против ропството во кое живееле. На верскиот празник посветен на светиот пророк Илија започнало Илинденското востание, секако, еден од најзначајните и најважните настани во историјата на македонскиот народ. Борбата во која не се жалеле сопствените животи беше со единствена цел – да се дојде до слобода, до своја државност, до своето право да се нарекуваат Македонци. За жал, востанието од разни и бројни причини тогаш не успеа. Беше задушено со крв, убиства, палежи, најтешко насилство… Но, искрата на пламенот на желбата за слобода не згасна и по сето тоа. Се редеа нови и нови поробувачи, но стигнуваа и нови генерации борци подготвени да се жртвуваат за Македонија. Тој самопрегор, таа љубов кон сопствената татковина, на крајот, го даде и најважниот чин кога пред 81 година се одржа Првото заседание на АСНОМ, кога пред самиот крај на големата Народноослободителна епопеја беа удрени темелите на македонската државност. Тоа беа настани кои го определија текот на поновата македонска историја, а која, знаеме, сè уште не е ослободена од најразлични негирања и посегнувања. А ваквите историски настани зад себе секогаш остават траги, како во форма на сеќавањата на учесниците така и во облик на најразлични документи, предмети, артефакти… кои дополнително сведочат за важноста на настаните.

Заради тоа е мошне важно таквите документи и артефакти да бидат сочувани, и како спомен и како потсетување на идните генерации за она што претходело на нивното денешно живеење. Такви бројни документи, предмети и артефакти врзани за Илинденското востание во 1903 година, за АСНОМ од 1944 година и денеска се чуваат по најразлични државни институции – Државниот архив, Музејот на Македонија, Музејот на македонската борба, по историските музеи по општините… Некои како оригинали, некои како копии на оригиналите кои со игра на тогашните историски околности сега се наоѓаат надвор од нашата земја. Но, и како такви доволно сведочат за херојствата, за саможртвите, за одлучноста да се извојува слобода.

Турската власт знаела дека се подготвува востанието во Крушево

Во Државниот архив ни покажа илјадници пишани документи врзани за двата Илиндена. Од уредно средени кутии направени според сите музејски стандарди за заштита ни ги покажуваат оригиналните 44 писма на Гоце Делчев пишувани во периодот пред востанието, испраќани до неговите соработници, сè со цел решавачката борба да биде што подобро подготвена. Во повеќе други фондови наречени со најразлични имиња како „Збирка Фермани“, „Збирка Берати“, „Збирка Вакуфнами“… се документи добиени како копии од турските архиви во Истанбул, а кои се однесуваат на состојбите во периодот околу 1903 година.

– Имаме дописи од тогашни турски функционери, на пример, од валијата од Битола, кој праќа допис во Истанбул со кој бара зголемување на воената сила околу Битола и на Пелистер поради опасноста од избувнување на сериозен бунт во најскоро време. Тука е и телеграмата на големиот везир во врска со прогласот пронајден во селото Лавци и во кој се најавува голем бунт на 2 август или најдоцна за неколку дена. Тоа укажува дека турската управа веќе имала информации дека се подготвува востанието – ни објаснува Јасмина Дамјановска, раководител на одделението за публикување на архивскиот материјал.

Но, за жал, оригинални документи за она што правел, дејствувал и наредувал главниот востанички штаб во Крушево нема бидејќи сè уште не е познато каде завршила таа архива. Познато е, по пропаста на востанието водачите со свои борци се повлекуваат, решаваат архивите да ги закопуваат во земја, да ги кријат по пештерите, по разни други скриени места и прашање е дали денеска воопшто и можат да се најдат. Но, сочувани се други артефакти, како на пример, шифрираните писма на Христо Узунов, водачот на востанието во Охридскиот Реон, подоцна дешифрирани од брат му Ангел.

– Она со што посебно се гордееме се оригинални записи на околу 3.500 борци – ученици во Илинденското востание кои по 1946 година поднесуваа барања за добивање на илинденски пензии. Тоа се непосредни сведоштва за битките во кои учествувале, за војводите, за настаните… Тие сè повеќе стануваат извор за историските истражувања – ни објаснува Дамјановска.

„Во градот Клисура борбата се водеше на живот и смерт и на 23 јула стар стил во 1903 година во 3 саат после ручекот градот Клисура падна во наши раце и го држевме неколку дена. После востанието и со новата грчка власт продолжив со борбата заради која бев интерниран на остров Крит… Молба да ми се земе под обзир ова и да ми се додели Илинденската пензија бидејќи сум стар 72 години и без секакви средства за живот“, пишува во едно барање од илинденецот Никола Богданов, кој тогаш живеел во Битола, а во кое имавме увид.

Во Музејот на македонската борба, директорката Анче Илиевска ни укажува на бројни примероци на оружјето од Илинденското востание – пушки, пиштоли, ножеви, реденици со куршуми, двогледи… Во витрините посебно забележуваме белгиски модел на револверот „франкот“ М1900 на кој е врежан натписот „ВМОРО“. Тука е и репликата на Црешовото топче со кое крушевските востаници тогаш се обиделе да дадат што поголем отпор. Реплики на ова топче, чиј оригинал се наоѓа во турскиот воен музеј во Истанбул, има и во Музејот на Македонија кој чува и други артефакти врзани за тогашни македонски револуционери. Тука се револвери „нагант“, „маузер“, пушката „штаер“, бајонети, јатагани, но и пранги со кои биле оковувани македонските револуционери по турските зандани…

– Посебно е значајна пресата која на Македонската револуционерна организација ѝ служела за фалсификување турски монети, а кои потоа служеле за купување оружје, муниција – ни објаснуваат во Историскиот оддел на оваа наша врвна музејска институција.

Според сознанијата, во илинденскиот период, пресата ја набавил лично Гоце Делчев и откако ја донел во Штип му ја доверил на штипјанецот Иван Куковалија, кој работел како мајстор за поправка на оружје. Потоа му донел и материјал сребрени или посребрувани ленти од кои мајсторот потоа правел сребрени монети „бели меџидии“ кои имале вредност 20 гроша, а биле наречени по султанот Абдул Меџит.

– Посебно се значајни и оригинални два бастуни во кои се вградени бодежи. Едниот бил на Христо Узунов, а другиот му припаѓал на Костадин Кирков, еден од познатите солунски атентатори. Драгоцено е и т.н. „знамето на Бојаровци“ сошиено од таа фамилија најверојатно во 1903 година во село Ранци, Кајљарско, во рамките на Костурскиот револуционерен реон во Егејска Македонија и што тогаш било прво знаме, а го изработиле жените од тоа семејство – ни објаснуваат во Музејот на Македонија.

Историски асномски документи

Во депоата на Државниот архив се чуваат речиси сите документи донесени на историското Прво заседание на АСНОМ. Таму се клучните записници од Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, програми од Президиумот, поздравни говори, телеграми, реферати и историски решенија. Историјатот на овој фонд започнува во 1960 година кога Димче Стојанов – Мире, директен учесник на Заседанието и член на Президиумот и шеф на Кабинетот на претседател на првата влада на Федерална Македонија ги отстапува клучните документи. Потоа збирката е дополнета и со документите од архивата на Лазар Колишевски, како и на Славко Поп Атоски, учесник на Заседанието во манастирот „Свети Прохор Пчински“.

 

На веќе пожолтената хартија се читаат историските документи како Декларација за основните човекови права на граѓанинот на демократска Македонија со која се гарантира еднаквост и рамноправност, се обезбедуваат сите права на слободен национален живот на националните малцинства, правото на слобода во вероисповедта и во совеста…

На само половина страница тогаш била напишана историската одлука со која македонскиот јазик тогаш бил заведен како службен јазик во македонската држава и тоа решение веднаш стапило во сила.

Се гледаат и потписите на претседателот Методија Андонов – Ченто, на секретарот Љупчо Арсов… На половина страница е напишано и решението со кое 2 Август – Илинден е прогласен за државен празник на македонската држава. Таму е и оригиналниот текст на историскиот говор на револуционерот Панко Брашнаров.

– Во овој момент, во ова историско место, „Св. Отец Прохор Пчински“, и на овој историски ден – Илинден, кога објавувам дека е отворено првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, душава ми е преполна со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар до Места и до Бистрица, заплискувајќи ја целата македонска земја, сакајќи од македонскиот народ да го измијат десетвековниот ропски срам од пропаста на Самоиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава – се чита на документот на кој и денеска се гледаат интервенциите правени со рака.

Сето тоа е само дел од околу две илјади архивски единици и 9.426 листови кои како најдрагоцени документи се чуваат врзани за Заседанието на кое било прогласена македонската државност. Само со таквиот однос тие, како и сите други артефакти кои постојат во државата, и натаму ќе бидат сведоштво за историјата со кое постарите генерации ќе се потсетуваат на големите жртви дадени за денешна слобода и државна самостојност, а на младите ќе им служи како пример што треба да се следи.

Единствено знаме од Куманово и единствен печат на војвода во Струмица

За жал, во земјава не се сочувани ни најголемиот дел од востаничките знамињата кои за време на Илинденското востание ги носеле четите и со кои се одбележувале револуционерните реони, окрузи. Исклучок е единственото оригинално востаничко знаме на Кумановската околина од 1903 година.

–Ние го чуваме тоа знаме како посебна драгоценост. Тоа е изработено од креп сатен со црвена боја, а на едната страна е напишано ИЛИНДЕН 1903 при што во средина е прикажан илинденец со пушка во десна и знаме во левата рака. Другата страна на знамето е со содржина Ослободена Македонија Куманово, а во средина прикажана Македонка која симболично ги кине прангите од ропството. Го чуваме и оригиналниот печат на тогашната кумановска револуционерна организација. На работ на плочката во елипсовидното поле е изгравиран текст: Револуционерната организација Кумановска околија, а во средина се стилизирани симболи на организацијата: кама, револвер и експлодирана рачна бомба. Над симболите, изгравиран е натписот „СЛ ИЛИ СМ“, што значат „Слобода или смрт“ – ни објаснува Марија Живачки, виш кустос историчар и актуелен в.д директор на кумановскиот музеј.

Во струмичкиот музеј, пак, се чува посебен печат, единствен кој му припаѓал на некој од илинденските војводи. Се работи за личниот печат на гевгелискиот војвода Коста Попето, кој ја преживеал битката на Мечкин Камен во четата на Питу Гули и продолжил да се бори во реонот на Кожув планина.

– Печатот е бронзен, а во средишниот дел е изгравиран текст „Слобода или смрт“, а околу него „Гевгелиски војвода Коста Попето“. Овој печат е единствениот засега на кој е игравирано името на еден војвода од илинденскиот период – ни објаснува директорот Бранко Георгиев додавајќи дека го чуваат и оригиналниот печат на Огражденскиот окружен македонско-одрински револуционерен комитет со кој последен се служел револуционерот Атанас Нивички.

Котлар: Зачувување и заштита на македонската народна меморија

– Државниот архив во целина, располага со преку 7.500 фондови, а од нив,  повеќе од 30 фондови содржат архивски материјал конкретно за предилинденскиот, илинденскиот и повостаничкиот период, можам да истакнам дека има доволен обем на документација за истражување на оваа тема. Но, исто така, голема е потребата за зголемување и дополнување на архивскиот материјал. Ова, секако, се должи на специфичните историски услови (конспиративноста на Организацијата, писменоста на кадарот, туѓи власти, војни итн.) во кои се одвивала македонската револуционерна и народноослободителна борба кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Дејноста на Државниот архив, континуирано е насочена кон истражување, пронаоѓање, зачувување и заштита на македонската народна меморија, заради овековечување на споменот од бројните македонски генерации – сонцељубиви борци, државотворци. Оттука произлегува и нашата определба на отворен повик до приватните, семејните иматели на архивски материјал да го депонираат во Државниот архив  – местото на значаен народен и меморијален комплекс – ни вели Наташа Котлар, директорка на Државниот архив.

ИЗДВОЕНИ