Светскиот ден на бубрегот (World Kidney Day) претставува една глобална кампања за подигање на свеста и за важноста на здравјето на бубрезите и има цел да ги намали зачестеноста и влијанието на бубрежните заболувања во светот. Се одбележува секоја година, во март, конкретно секогаш во вториот четврток. Секоја година, WKD нагласува одредена тема за подигање на свеста за различните аспекти на здравјето на бубрезите. Оваа година темата е „Дали се вашите бубрези во ред? Дeтектирај навреме, превенирај ја бубрежната болест“. По тој повод, за весникот ВЕЧЕР разговаравме со д-р Надица Мисовска, спец. интернист, суб. Нефролог и медицински директор на „Диаверум Македонија“. Доктор Мисовска вели дека прогресијата на бубрежното заболување може да се забави или да се запре, но дека е неопходна рана дијагностика.
– Важни се редовните проверки на крвта и на урината. Неопходна е национална стратегија за рана дијагноза на ХББ. Доколку некое лице страда од дијабетес, важно е еднаш годишно да му се направи проценка на бубрежната функција. Избирањето соодветен начин на живот е примарна стратегија за спречување – порачува нашата соговорничка
Што претставува хроничната бубрежна болест (ХББ) и колку е застапена во светот и во Македонија?
Хроничната бубрежна болест (ХББ) претставува трајно и неповратно оштетување на бубрезите, кое може да се влоши со текот на времето и на крај да доведе до бубрежна слабост. Погодува повеќе од 11 до 15% од популацијата во светот и е поприсутна кај постарите лица, жените, расните малцинства и луѓето со дијабетес и со покачен крвен притисок. Се проценува дека приближно 850 милиони луѓе во светот имаат бубрежна болест, од кои повеќето живеат во земјите со низок и со среден приход. Во моментов, бубрежното заболување е трета најбрзорастечка причина за смрт на глобално ниво и единствена незаразна болест што покажува континуиран пораст на смртноста. До 2040 година, се предвидува ХББ да биде петтата најчеста причина за загубени години од животот, на глобално ниво.
Во нашата држава, во моментот има околу 1.700 лица со ХББ, кои се лекуваат со хемодијализа, перитонеална дијализа или им е извршена трансплантација. Од податоците од последниот регистар за ХББ за 2022 година, бројот на лица што започнуваат со некоја од методите на бубрежно заместителна терапија е зголемен од 170-180 лица/милион жители на 210 лица/милион жители. Ова е податок што треба да биде аларм за здравствените власти во земјата.
Кои се најчестите причини за ХББ?
Растот на населението, стареењето, зголемениот товар на дијабетесот, срцевите заболувања и хипертензијата се најдобро препознатите двигатели на инциденцијата на ХББ, особено во регионите со напредни економии. Дури едно од три лица со дијабетес и едно од пет со хипертензија, во земјите со висок приход, имаат ХББ.
Во нашата земја, покачениот крвен притисок и дијабетесот се главните причини што доведуваат до ХББ, но мора да ги споменеме и гломерулонефритите, наследните цистични заболувања на бубрезите, а во последните години, особено по ковид-пандемијата, со експанзијата на малигните болести, сè почести се пациентите во терминална фаза на малигна болест на генитоуринарниот тракт.
Кои се првите симптоми што укажуваат на оваа состојба и како се дијагностицира ХББ?
Хроничната бубрежна болест е една подмолна болест. Во најголем дел од случаите, многу е тешко да се дијагностицира ХББ во рана фаза, бидејќи симптомите нема или често се незабележливи. Првите симптоми може да се појават дури откако ќе се изгубат 90 % од бубрежните елементи. Во дел од случаите, дијагнозата се поставува кога прави пациентот испитувања за друга здравствена состојба. Најчесто, први знаци се заморот, недостигот на енергија, појавата на отоци околу зглобовите и очите, намалениот апетит, честото мокрење, особено ноќе и присуството на заматена или пенлива урина. Во оваа фаза, често е возможно да се запре напредувањето на болеста со соодветна терапија со лекови и со редовно следење на состојбата на пациентот. Во подоцнежна фаза на болеста, може да се развијат повеќе симптоми, како што се: сува кожа, чешање, главоболка, губење на апетитот, мускулни грчеви, мачнина, отежнато дишење (поради собирање течност во белите дробови), несоница, губење на концентрацијата.
Бубрежната болест може да се детектира многу лесно и едноставно, со евтини и достапни методи, како лабораториски тестови во кои ќе се одредат уреата и креатининот како маркери за бубрежната функција и тестови на урина за одредување на присуство на одредени елементи како протеини за да се одреди степенот на бубрежното оштетување.
Како се третира ХББ?
Таа е долготрајна состојба што го менува животот и кога ќе дојде до последната фаза, бара пациентите да се подложат на терапија за замена на бубрегот или ренaлно заместителна терапија, а тоа е дијализа или трансплантација. Повеќето пациенти во нашата држава се подложуваат на хемодијализа, само околу 20-мина пациенти се третираат со перитонеална дијализа. Домашната дијализа кај нас не е достапна. Покрај третманот со хемодијализа, паралелно се третираат и другите компликации, а тоа се третман на бубрежно зависната анемија, контрола на хиперурикемијата, корекција на хиперфосфатемијата и третман на нарушениот коскениот метаболизам.
Каква е ситуацијата со трансплантацијата на бубрези во нашата земја?
Во последните години, има зголемување на бројот на трансплантации. Во 2024 год., беше направена 500. трансплантација на бубрег, но сметам дека има простор за зголемување на овој број, особено на трансплантациите од кадавер, бидејќи тоа е најдоброто решение за пациентите што се на хемодијализен програм и немаат близок роднина што би можел да биде потенцијален донатор на бубрег. Неопходни се континуирани кампањи и едукациски активности за подигнување на свесноста меѓу нашата популација за донирање органи од починат донатор. Но, исто така, сметам дека треба да се направи реорганизација на начинот на правење на неопходните испитувања за листата на трансплантација, воведување можности за посебен тип упати за лицата што се иследуваат за трансплантација, бидејќи во моментов тоа е еден процес кој некогаш трае многу долго.
Дали има начини да се спречи ХББ?
Може да се забави или да се запре прогресијата на бубрежното заболување, но прво мора рано да се дијагностицира. Важни се редовните проверки на крвта и на урината. Неопходна е национална стратегија за рана дијагноза на ХББ. Доколку некое лице страда од дијабетес, важно е еднаш годишно да му се направи проценка на бубрежната функција. Избирањето соодветен начин на живот е примарна стратегија за спречување. Одржувањето здрава телесна тежина преку балансиран начин на исхрана, со употреба на многу овошје и зеленчук, намалено внесување сол, со редовна физичка активност, прекинување со пушење, земање на лековите согласно со упатствата и следење и одржување нормален крвен притисок се само некои од начините со кои може да се справиме со оваа болест. Избегнување долготрајна употреба на нефротоксични лекови или на други токсични супстанции што може да ги оштетат бубрезите, а тука, пред сè, ќе ги споменам лековите за болка, односно аналгетиците и антибиотиците, кои не треба да се земаат на своја рака. Превенцијата е секогаш подобра опција од лекувањето на една состојба.
Колку е битна раната превенција за здравствениот систем во нашата држава?
Раното откривање е клучна стратегија за спречување на бубрежното заболување, неговата прогресија и поврзаните компликации, но бројни студии покажуваат дека свеста за бубрежните заболувања на ниво на популација е ниска. Зголемувањето на знаењето и спроведувањето одржливи решенија за рано откривање на бубрежните заболувања се приоритети на јавното здравје.
Сè повеќе ни доаѓаат пациенти на дијализа што претходно воопшто не биле следени од нефролог/интернист. Се соочуваме со пациенти што никогаш не го посетиле ни својот семеен лекар. Сведоци сме на млади лица на кои првата посета на лекар им е со започнување со хемодијализно лекување, што е алармантно. Ова ни дава право да заклучиме дека имаме неколку потенцијални проблеми. Едниот е дека свесноста на популацијата за превентивните здравствени прегледи е на многу ниско ниво во сите возрасни групи, одиме на лекар само кога имаме проблем и симптом, а не превентивно. Вториот е дека немаме достапна специјализирана здравствена услуга во сите населени места, потребна ни е децентрализација или, подобро кажано, дисперзија на ваквите здравствени услуги, поблиску до местото на живеење на населението.
Што со пациентите што се веќе на дијализен третман, како последен стадиум на ХББ? Како помага „Диаверум“ во живеењето на пациентот на дијализа?
Кога започнува пациентот со дијализа на еден од модалитетите хемодијализа или хемодијафилтрација, ние започнуваме еден холистички пристап, на долги патеки, обезбедувајќи му вистинска грижа, која го продолжува животот. Веруваме во нашата флоскула на културата диаверум дека секој заслужува исполнет живот, па се трудиме, на секаков можен начин, да им го направиме искуството со дијализата попријатно. Болеста, сама по себе, им наметнува многу прашања, па и ограничувања. Водени од тоа, покрај обезбедувањето врвна медицинска услуга, за што можам нескромно да кажам дека, како „Диаверум Македонија“, сме меѓу топ-3 во континуитет со медицинските резултати, споредено со сите земји диаверум на четири континенти, ние имаме повеќе програми, иницијативи и поддршка за нашите пациенти. Би ја споменала, на пример, апликацијата d.Care, наменета за пациентите, кои во секој момент имаат пристап до информации за текот на својот дијализен третман, а истовремено и ги потсетува за земањето терапија во домашни услови. „Диаверум“ разви концепт и уште една можност за нив. Станува збор за програмата d.Holiday, која овозможува пациентите да си резервираат дијализно место, да договорат дијализен третеман, во време и на локација соодветни на нивната потреба за патување. Минатата година, „Диаверум“ ја унапреди оваа програма. Имено, секој пациент што резервирал дијализен третман преку d.holiday, доколку кога е на конкретно патување во границите на Европа, го добие долгоочекуваниот повик дека го чека орган за трансплантација во неговата земја, „Диаверум“ ќе му обезбеди, на свој трошок, патување назад за да може во најбрз можен рок да стигне до органот за трансплантација. Програмата „Patient experience“, пак, овозможува постојано унапредување на условите, опкружувањето и можностите на нашите пациенти. Исто така, би ги споменала и различните едукативни видеа и шечатени материјали, флаери и брошури, кои се подготвени специјално, да ги информираат и едуцираат пациентите на теми за исхраната, животниот стил и сè што може да им го олесни живеењето.
Како го одбележа „Диаверум“ годинашниот Светски ден на бубрегот?
Годинашните наши активности, предводени од нашата Анета Стамкова, специјалист комуниколог, вклучија различни теми како што се превенцијата на болестите, симптомите, дијагнозата и начините за заштита на бубрезите. Настаните што ги спроведовме со нашите компетентни колеги во Скопје, Куманово, Крива Паланка, Кочани, Штип, Делчево, Струмица и од Гевгелија беа разновидни и приспособени на потребите на различни групи население. Од најмладите во детските градинки, па до највозрасните граѓани корисници на услуги во старечките домови и во здруженијата на пензионери.
Главната цел на овие активности е да се подигне свеста за важноста на бубрежното здравје и да се поттикнат здрави навики, кои ќе помогнат во заштита на бубрезите.
Би ја споменале и соработката што ја имаме со Здружението на бубрежно болни „Нефрон“, но и Сојузот на здруженија на лица со дијабетес, преку своите органоци во градовите, исто така и училиштата, општините, а, секако, и Министерството за здравство, ФЗОМ, Клиниката за нефрологија…
Љубчо Алексовски