Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ќе го посети Западен Балкан следната недела, а за време на посетата ќе разговара со лидерите од регионот за можностите и предизвиците на проширувањето на ЕУ, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста, и ќе биде копретседател на самитот „ЕУ-Западен Балкан“ во Тиват на 5 јуни.
„Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасна порака: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална; исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време да се испорачаат резултати“, рече Кошта пред неговата посета на Западен Балкан од 1 до 5 јуни, објави Европската комисија.
Првата станица на турнејата низ Западен Балкан ќе биде Сараево, каде што ќе се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, и претседателката на Советот на министри, Борјана Кришто, во понеделник, 1 јуни.
Во вторник, 2 јуни, Кошта ќе биде во Тирана, каде што ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рама, претседателот Бајрам Бегај и студенти на кампусот на Колеџот на Европа во Тирана. Потоа ќе го посети и Скопје, каде што ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.
Следниот ден, среда, 3 јуни, Кошта ќе отпатува за Приштина, каде што ќе се сретне со вршителот на должноста претседател Албулен Хаџиу, премиерот во заминување Албин Курти и претседателите на опозициските партии.
Самитот на Европската Унија и Западен Балкан ќе се одржи на 5 јуни во Тиват, а централната тема ќе биде „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“.











