Со објавувањето на „Градинарот и смртта“, интимен и елегичен роман на бугарскиот автор Георги Господинов, „Или-Или“ ја заокружува издавачката 2025 година.
Преводот од бугарски на македонски јазик е на Душко Крстевски, а дизајнот на корицата е на Марија Смилевска. Преводот на ова дело е поддржан од Националниот фонд за култура на Република Бугарија.
-По големиот интернационален успех со романот „Засолниште во времето“ за кој ја добива Интернационалната Букеровата награда, со „Градинарот и смртта“ Георги Господинов уште повеќе го зацврстува статусот на еден од најзначајните современи европски писатели и, секако, на еден од најнаградуваните и најпреведувани автори од регионот. Една година од објавувањето во Бугарија овој роман доживува десетици преводи ширум светот и извонреден прием како од читателите така и од книжевната критика, посочуваат од „Или-или“.
„Градинарот и смртта“ е топол, интимен, лиричен, фрагментарен роман-мемоар во кој авторот пишува за тивката љубов што ретко се изговара, но е многу длабока; љубовта меѓу таткото и синот. Романот е болна и нежна медитација за болеста и заминувањето на таткото, човекот чиј живот го одбележале тивката достоинственост, грижата за малите секојдневни работи, љубовта кон земјата и растенијата. Реченицата со која започнува романот: „Татко ми беше градинар. Сега е градина“, една од неговите најцитирани реченици, е мисла што ја поставува основната метафора на делото: градината како говор на љубовта што никогаш не била изговорена.
Преку белешки, филозофски размисли и лирски сеќавања, книгата зборува за тагата, смртноста, семејните врски и наследството што го носиме а фрагментарната структура е обид да се одложи неминовното; писателот талка низ митови, спомени и историја сè до моментот кога мора да го именува крајот, но ја признава немоќта на зборовите пред смртта на родителот. По загубата, светот се дели на „пред“ и „по“, а таткото продолжува да живее во мириси, слики и навидум случајни асоцијации.
Овој краток, но длабок роман е нежна медитација за смртта, татковството и за „ботаниката на тагата“ – уверувањето дека, како растенијата така и љубовта понекогаш умира само за повторно да никне.
Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени: „Природен роман“ (Темплум, Или-Или), збирките раскази „И други приказни“ (Темплум, Или-Или), „И сè стана месечина“ (Или-Или) и „Сите наши тела“ (Или-Или), поетските збирки „Балади и распади“ (Блесок) и „Таму каде што не сме“ (Или-Или), книгата за деца во коавторство со неговата ќерка Раја, „Свадби на животни и нешта“ (Или-Или) и неговите најуспешнн романи „Физика на тагата“ (Или-Или) и „Засолниште во времето“ (Или-Или).












