Грантови за отварање бизнис до 10.000 евра за млади до 29 години

17

Објавен е повикот од Оперативниот план за вработување за 2025 година што се однесува на две мерки, едната за лица над 29 години која предвидува 430.500 денари (7.000 евра) грант за основање сопствен бизнис како и дополнителни до 250.000 денари за лица со попреченост, и втората за лица до 29 години што предвидува до 615.000 денари (10.000 евра) за почнување бизнис.

Како што соопшти министерот за економија Бесар Дурмиши, на повикот може да аплицираат невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување, рурални жени, корисници на гарантирана минимална помош, лица со попреченост, жени жртви на семејно насилство, повратници од странство и граѓани кои сакаат да ја формализираат дејноста.

-Нашата цел е јасна, да поддржиме што повеќе граѓани кои сакаат да градат нешто свое на одржлив и легален начин. Ова не е само финансиска помош, туку и директна инвестиција во потенцијалот на граѓаните и развојот на економијата. Ова не е само ветување, туку создавање реални можности за вработување и развој, истакна Дурмиши.

Од Владата информираа дека јавните повици што денес се отвораат имаат за цел да ја поддржат самовработеноста, овозможувајќи им на граѓаните да отворат нови бизниси, да изградат нешто свое и да преземат конкретни чекори кон своето економско зајакнување.

-Нашиот фокус се младите кои бараат шанса да ја изградат својата иднина, семејствата кои тежнеат кон економска стабилност, новите претприемачи кои имаат идеи но немаат поддршка, како и невработените и корисниците на социјална помош, кои имаат потреба од реална можност за вклучување на пазарот на труд, изјавија од Владата.

ИЗДВОЕНИ