Обележана, проширена и уредена планинарската патека од Требиште до ледничкото езеро Локув

34

Националниoт парк „Маврово”, во рамките на надлежностите, продолжува со активностите за промоција на своите природни богатства, убавини и за развој на дополнителните туристички содржини.

Станува збор за проширување, обележување и уредување на лесната планинарска патека што води од селото Требиште кон живописното ледничко езеро Локув.

Директорот на НП „Маврово“, Харис Ибраимир, информираше дека патеката е значително подобрена, проширена и јасно обележана со нови маркации, патокази и информативни табли, со што движењето на теренот станува полесно и побезбедно за посетителите.

– Особено внимание е посветено и на просторот околу самото езеро, каде што се уредени зоните за одмор со поставени натстрешници и клупи, овозможувајќи им на планинарите и на туристите да уживаат во мирот и во убавината со која изобилува овој планински предел – нагласи Ибраими.

Спроведените активности се дел од пошироката мисија на Националниот парк „Маврово“ за развој на одржливиот туризам, подобрување на условите за посетителите и за промоција на најубавите туристички локалитети во паркот.

Локув е ледничко езеро и е едно од петте езера на планината Дешат. Тоа е најниското глацијално езеро во државава и според местоположбата, претставува една вистинска туристичка атракција.

 

ИЗДВОЕНИ