Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро му одговори на поранешниот американски претседател Барак Обама, кој изјави дека Израелците им одзеле земја на Палестинците и дека отишле предалеку во своите постапки.
„Еврејскиот народ не е странски окупатор во земјата на нашите предци. Нашата историја не е колонијален потфат. Нашата земја не е украдена земја. Ова е нашата татковина. Таа се нарекува Јудеја. Тоа е местото од каде што потекнува еврејскиот народ. Ние сме поврзани со неа илјадници години“, изјави Нетанјаху во видео-обраќање на англиски јазик.
Тој ги отфрли тврдењата дека Израел претставува пречка за мирот, тврдејќи дека вистинскиот проблем лежи во одбивањето на неговите противници да го признаат правото на еврејскиот народ на сопствена држава. Понатаму, тој предупреди дека мирот не може да се гради врз – како што рече – илузии што ја игнорираат реалноста на Блискиот Исток.
Претходно, за време на посетата на Универзитетот „Квинс“ во Белфаст, Обама ги призна вековите прогон и дискриминација со кои се соочувал еврејскиот народ, но истовремено го критикуваше влијанието што создавањето и проширувањето на Израел го имале врз Палестинците.
„Фактот е дека еврејскиот народ со милениуми бил угнетуван, дискриминиран и убиван. Европа била одговорна за голем дел од тоа. Разбирливо е што побарале засолниште. Тоа е неоспорно. Она што е исто така неоспорно е дека им одзеле земја на еден народ и дека отишле предалеку“, рече Обама.
Изјавите на двајцата политичари повторно го отворија едно од најконтроверзните прашања во конфликтот на Блискиот Исток – историското право на земјата, статусот на Палестинците и условите за постигнување траен мир.












