Обединетите Арапски Емирати започнаа разговори со САД за можна финансиска поддршка, или обезбедување финансиска „заштита“ во случај војната со Иран да предизвика подлабока економска криза, пишува „Волстрит џурнал“ (WSJ), повикувајќи се на американски претставници.
Гувернерот на Централната банка на Емиратите, Халид Мохамед Балама, ја презентираше идејата за воспоставување договор за размена на валути за време на состаноците минатата недела во Вашингтон со американскиот секретар за финансии Скот Бесант, како и претставници на Министерството за финансии на САД и Федералните резерви.
Претставниците на Еиратите нагласија дека досега ги избегнале најтешките економски последици од конфликтот, но дека можеби ќе им треба финансиска поддршка ако кризата се продлабочи.
Разговорите, според WSJ, укажуваат на загриженоста на Емиратите дека војната може сериозно да ја загрози нивната економија и статусот како глобален финансиски центар, да ги намали девизните резерви и да ги одврати инвеститорите кои досега ја сметаа земјата за стабилен и безбеден пазар.
Конфликтот веќе ја оштети нафтената и гасната инфраструктура на Емиратите, како и нивната способност да извезуваат нафта со танкери преку Ормускиот теснец, загрозувајќи го клучниот извор на приходи во долари.
Иако Емиратите сè уште не поднеле формално барање за договор за размена, кој би обезбедил евтин пристап до долари за стабилизирање на валутата или зајакнување на девизните резерви, предлогот е презентиран во разговорите со американската страна како превентивна мерка.
Во исто време, некои официјални лица велат дека претставниците на ОАЕ посочиле дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го нападне Иран ја вовлекла нивната земја во конфликт чии последици сè уште не се видливи.
Како што наведоа, во случај на недостиг на долари, Емиратите би можеле да бидат принудени да го користат кинескиот јуан или други валути во трансакциите со нафта, што, според „Њујорк тајмс“, би можело да има пошироки последици за глобалниот финансиски систем во кој доларот игра доминантна улога.












