среда, октомври 14, 2026
Дома МАГАЗИН Нутриционистите избраа едногласно: Пет пијалаци за здраво стареење –

Нутриционистите избраа едногласно: Пет пијалаци за здраво стареење –

55
Фото:википедија

Повеќето од нас веројатно имаат омилен избор на пијалаци што ги консумираат секојдневно – било да е тоа за да ја зголемат енергијата, да останат хидрирани или едноставно да уживаат во вкусот.

Сепак, дали знаевте дека овие избори можат да влијаат и на тоа како стареете? Додека животниот век се однесува на тоа колку долго живеете, поимот „здрав животен век“ (healthspan) ги означува годините поминати во добро здравје – а и двете се важни, пренесува „Итингвел“ *Eatingwell).

„Храната и пијалаците играат значајна улога во одржувањето на здравјето додека старееме, бидејќи ги обезбедуваат хранливите материи што им се потребни на мозокот, скелетните мускули и другите органи за оптимално функционирање“, вели Лота Андонијан, регистриран нутриционист.

На стареењето влијаат бројни фактори, вклучувајќи ги физичката активност, сонот, стресот и социјалните врски. Покрај овие навики, она што го ставате во чашата исто така може да влијае на процесот на стареење, бидејќи пијалаците помагаат во одржувањето на хидратацијата и служат како дополнителен извор на хранливи материи. Еве кои пијалаци нутриционистите ги издвојуваат како најдобри за здраво стареење.

Кафе

Вашето утринско кафе може да направи многу повеќе од тоа само да ве разбуди. Студија во која учествувале повеќе од 47.000 жени покажала дека редовното консумирање кафе е поврзано со поголема веројатност за здраво стареење, според регистрираниот нутриционист Дајана Диблеј.

„Кафето содржи моќни полифенолни антиоксиданси познати како хлорогени киселини, како и кофеин и други соединенија кои можат да помогнат во намалувањето на клеточното воспаление поврзано со стареењето“, објаснува таа.

Сепак, постои една важна напомена: пиењето кафе доцна во денот може да го попречи сонот, кој е од суштинско значење за здраво стареење. Андонијан препорачува префрлање на кафе без кофеин во попладневните часови доколку тешко заспивате.

Придобивките од кафето за здраво стареење важат и за верзиите без кофеин.

„Иако кофеинот може да придонесе за подобра меморија и когнитивна функција, дури и кафето без кофеин е поврзано со помал ризик од смрт, благодарение на другите биоактивни соединенија“, додава Андонијан.

Зелен чај

Зелениот чај содржи полифеноли, вклучувајќи го и катехинот епигалокатехин-галат (EGCG), кој е познат по своите антиоксидантни својства и потенцијалните придобивки за здраво стареење.

Тој може да придонесе кон здраво стареење преку заштита на клетките и поддршка на когнитивните, кардиоваскуларните и метаболичките функции. Прелиминарните истражувања укажуваат на тоа дека EGCG може да го намали оксидативниот стрес и воспалението – фактори кои придонесуваат кон стареењето и го зголемуваат ризикот од хронични болести.

Понатамошните истражувања сугерираат дека зелениот чај може благо да го намали крвниот притисок и да ја подобри регулацијата на шеќерот во крвта.

Студиите покажуваат дека консумирањето на две до три шолји зелен чај дневно може да придонесе кон одредени аспекти на здравото стареење.

Вода

Можеби не е највозбудливиот пијалак, но водата игра клучна улога во одржувањето на хидратацијата.

„Водата е неопходна за речиси сите телесни процеси, а нејзиниот соодветен внес поддржува сè – од варењето и циркулацијата до регулирањето на телесната температура и физичките и когнитивните способности“, вели Вал Ворнер, регистриран нутриционист.

Недоволната хидратација во средните години се поврзува со забрзано биолошко стареење, поголем ризик од хронични болести и предвремена смрт. Ова укажува на тоа дека соодветниот внес на вода може да придонесе кон здраво стареење. За повеќето луѓе, водата претставува едноставен, практичен и достапен начин за одржување на хидратацијата. Носењето шише за вода за повеќекратна употреба може да ви помогне редовно да пиете вода, а можете да поставите и потсетници.

„Не чекајте додека не почувствувате жед. Добар почеток е да испиете чаша вода со секој оброк, а потоа да продолжите да пиете во текот на денот за да останете хидрирани“, советува Дибли.

Млеко

„Млекото не е магично решение за здраво стареење, но чаша млеко со појадокот или додавањето млеко во протеински шејк е едноставен начин истовремено да внесете калциум и протеини“, вели Дибли.

Една шолја млеко содржи речиси 310 милиграми калциум, што претставува приближно една третина од препорачаниот дневен внес.

Соодветниот внес на калциум е една од стратегиите за одржување на густината на коските. Според една анализа, консумирањето млеко придонесува за благо зголемување на густината на коските во пределот на колковите и ‘рбетот кај возрасните, како и за намалување на маркерите за разградба на коскеното ткиво, истакнува Дибли.

Одржувањето на здравјето на коските со текот на годините е од клучно значење бидејќи намалената густина на коските го зголемува ризикот од скршеници, што може да доведе до губење на мобилноста и независноста.

Кефир

Кефирот е ферментиран млечен производ.

„Кефирот е популарен пијалак што содржи протеини, калциум и пробиотици кои придонесуваат за здравјето на цревата“, вели Дибли.

Консумирањето кефир може да го подобри метаболичкото и кардиоваскуларното здравје, особено кај лицата со прекумерна тежина или оние со метаболички синдром, односно метаболичка дисфункција поврзана со болеста на замастен црн дроб.

Кефирот влијае на цревната микробиота и потенцијално го зголемува производството на масни киселини со краток ланец – соединенија што можат да го поддржат здравјето и да имаат антиинфламаторно дејство.

Стареењето е значаен фактор на ризик за кардиометаболички болести, па затоа секој чекор што помага во ублажувањето на овие промени придонесува кон здраво стареење.

Андонијан препорачува користење кефир наместо други течности во смудијата – во иста количина – за да се зголеми содржината на протеини, пробиотици, витамини и минерали во пијалакот.

ИЗДВОЕНИ