Загадувањето на воздухот во Сингапур денес го достигна највисокото ниво за оваа година поради чадот и маглата предизвикани од шумските пожари во Индонезија, додека Источен Тимор најави тридневна суспензија на наставата поради загадувањето.
Концентрацијата на ситни честички PM2,5 во западниот дел на Сингапур достигна 284 микрограми на кубен метар, влегувајќи во категоријата „многу високо“ според критериумите на Националната агенција за животна средина, што се случува за првпат во текот на оваа епизода на загадување, пренесува „Ројтерс“.
Владата на Источен Тимор објави дека наставата со физичко присуство ќе биде прекината на три дена, почнувајќи од четврток, поради „загадување од честички од шумски пожари што потекнуваат од соседните региони или земји“.
Земјата експлицитно не ја именуваше Индонезија, но го дели островот со индонезиската провинција Источна Нуса Тенгара, каде што се регистрирани голем број жаришта на пожари.
Индонезија се соочува со најлошата сезона на шумски пожари во последните 11 години, предизвикана од сувите временски услови поврзани со феноменот Ел Нињо.
Чадот предизвика пораст на респираторните заболувања во земјата, додека квалитетот на воздухот се влоши низ целиот регион, принудувајќи некои малезиски држави да ги затворат училиштата.
Индонезискиот претседател Прабово Субианто нареди распоредување дополнителни ресурси за гаснење на пожарите.
Официјалниот претставник Хони Хавана, од Индонезиското координативно министерство за политички и безбедносни прашања, изјави дека повеќе од 69.000 лица се ангажирани за гаснење на пожарите, што претставува зголемување во однос на околу 44.000 ангажирани лица во средината на септември.
Индонезиските власти се борат особено со пожарите во тресетиштата, кои можат да тлеат под земја подолг период и повторно да се разгорат.
Бертон Панџаитан, официјален претставник на Агенцијата за управување со катастрофи, рече дека „единствениот начин да се реши проблемот е продолжен дожд“.
Во меѓувреме, критиките кон Џакарта во врска со несоодветната контрола на пожарите се зголемуваат низ целиот регион.
Малезискиот пратеник Сејед Садик Сејед Абдул Рахман ги повика земјите од АСЕАН да поднесат заеднички дипломатски протест со Индонезија и да побараат порешителни мерки за борба против пожарите, објави „Танјуг“.











