Властите во Калифорнија трагаат по маж обвинет за инцест, додека неговата 14-годишна ќерка е обвинета за убиство во врска со смртта на новороденче.
Бебето, кое полицијата го нарече „Бебе Анхелита“, било пронајдено утрото на 1 август покрај пат во северниот дел на округот Монтереј, соопшти Канцеларијата на шерифот на округот Монтереј, пренесува „Law&Crime“.
Офелија Гарсија Ортега (36) во меѓувреме е уапсена поради загрозување на безбедноста на дете, додека полицијата продолжува со потрагата по Серхио Галвез Перез (38) и неговата 14-годишна ќерка, за која се верува дека е мајка на новороденчето.
Полицијата смета дека Перез ја „крие“ девојката и „ги спречува надлежните органи да ја пронајдат“.
Според канцеларијата на шерифот, полициски службеници ја пронашле „Бебе Анхелита“ мртва – со знаци на трауматски повреди – околу 8:30 часот наутро на 1 август, откако добиле пријава дека покрај патот е пронајдено бебе.
Понатамошната истрага откри дека 14-годишното девојче се породило покрај патот, по што, наводно, го оставило новороденчето на земја.
Истражителите го искористиле системот на камери „Flock“ за да лоцираат „возило од интерес поврзано со истрагата за убиство“, се наведува во соопштението.
Засега не е јасно каква е врската меѓу Ортега и Перез, ниту каква е нивната поврзаност со девојчето и новороденчето.
Покрената е потрага по 14-годишното девојче во врска со обвинение за убиство.
По Перез се трага под обвиненија за инцест, недозволени сексуални дејствија со дете помладо од 14 години, недозволени сексуални дејствија со малолетник, незаконит полов однос, криење дете и загрозување на дете.












