Од Општина Крива Паланка ги покануваат граѓаните во топлиот претпразничен амбиент, под илјадниците светилки на Градскиот плоштад, да бидат дел од најмагичната новогодишна приказна од 27 до 31 декември. Во Гевгелија, пак, ќе се одржи новогодишен базар од 24 до 31 декември, исто така на Градскиот плоштад и, според информацијата од Општината, програмата ќе започне со Дедо Мраз и со детскиот музички фестивал „Калинкa 2025“. На 22 декември ќе почне и традиционалниот новогодишен базар во Валандово и деновиве Општината почна со украсувањето на градот со сопствена опрема, која ќе се надополнува секоја година со нова. Во Босилово, пак, новогодишниот базар ќе се одржи на 28 декември. Новогодишната магија е присутна и во Кавадарци, а „Зимската приказна“ во Битола ќе понуди многу музика, детска програма, кино на отворено, возот „Мечо“, празничен автобус и уште многу други содржини за сите генерации. Куманово, пак, ќе ги обедини локалните занаетчии, малите производители и општинските институции во организиран новогодишен пазар на Градскиот плоштад, настан со заедничка цел: промоција на домашното производство и зајакнување на локалната економија во пресрет на празниците
Општините Гевгелија, Валандово, Босилово, Крива Паланка и Kуманово и годинава организираат новогодишни базари пред почетокот на новогодишното и на божиќното празнување.
Новогодишниот базар ќе биде епицентар за празничното случување во Крива Паланка, почнувајќи од 27 до 31 декември, на Градскиот плоштад.
Од Општината ги покануваат граѓаните, во топлиот претпразничен амбиент, под илјадниците светилки на Градскиот плоштад, да бидат дел од најмагичната новогодишна приказна. Најавуваат дека од 27 до 31 декември на програмата ќе бидат незаборавни концерти, детски авантури, спектакуларни настапи за сите генерации.
Свеченото отворање на базарот, на 27 декември во 19:00 часот, ќе биде со настапот на познатиот пејач Мирза Селимовиќ, на 28 декември (недела) во 18:00 часот, присутните ќе може да уживаат во песните на „Љубојна“, а еден час подоцна ќе настапи Тајзи.
За наредниот ден, 29 декември (понеделник), е предвидена целодневна програма, која ќе започне во 11:00 часот со учениците од основните училишта „Ѓорче Петров“, „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“, по што ќе следуваат настапите на диџеј Барни и на Грин Џ.
За најмладите ќе биде изведена новогодишната претстава „Мечето Панда и Дедо Мраз”. Во 13:00 часот, пак, ќе може да се проследи Ѓурчиновски шоу.
Во Гевгелија, базарот ќе се одржи од 24 до 31 декември, на Градскиот плоштад и според информацијата од Општината, програмата ќе започне со Дедо Мраз и со детскиот музички фестивал „Калинкa 2025“.
На 25 декември, за децата ќе има цртање на лицето, наредниот ден ќе настапи танцовото студио „Мистик“, додека на 27 декември диџеите Разал Ветаљ и Лицен ќе ја подигнат атмосферата со своите сетови.
На 28 декември ќе настапи ансамблот „Бојмија“, а на 29 и на 30 декември ќе се одржи шоуто на Кристијан Бенито, аниматор за деца и жонглер. Програмата ќе заврши на 31 декември, со празнична музика, која ќе трае цел ден.
– Посетителите ќе може да разгледуваат штандови со рачни изработки, локални производи и слатки задоволства. Општина Гевгелија ги повикува граѓаните да се придружат и да го доживеат празничниот дух на базарот – информираат од Општина Гевгелија.
На 22 декември почнува традиционалниот новогодишен базар во Валандово и деновиве Општината почна со украсувањето на градот со сопствена опрема, која ќе се надополнува секоја година со нова.
Во Босилово, пак, новогодишниот базар ќе се одржи на 28 декември. Општината објави јавен повик до граѓаните што сакаат да учествуваат на базарот, да се пријават и да ги изложат и продаваат своите производи на посебно обезбедените штандови.
Плоштадот е украсен со голема елка, а се поставени и штандови за греано вино, чај и за колачиња. По улиците на центарот на градот, пак, има големи светлечки декорации во форма на снегулки.
Новогодишната магија пристигна и во Кавадарци. Плоштадот е украсен со голема елка и со многу светили, а се поставени и неколку штанда каде што, во празнична атмосфера, луѓето може да уживаат во греано вино, чај и во колачиња. Украсени се и прозорците од зградата на Општината, со илустрации од снегулки, Дедо Мраз и од голем Снешко. Низ улиците во центарот на градот, пак, се поставени големи светлечки декорации во форма на снегулки.
И Општина Битола ги објави секојдневните програмски содржини на „Зимска приказна“, која ќе започне во сабота и ќе трае до 5 јануари 2026 година. Таа ќе понуди многу музика, детска програма, кино на отворено, возот „Мечо“, празничен автобус и уште многу други содржини за сите генерации.
– Годинава, бројките ја потврдуваат приказната. Над 200 часа програма во целиот град. Од нив, околу 35 часа детска програма, 67 бенда, повеќе од 20 соло-изведувачи, пет фолклорни друштва, две градинки и 11 училишта како активен дел од програмата. Ова е најголемиот зимски фестивал во Македонија веќе неколку години. Ова е декемврискиот ритам на Битола – порачуваат општинските власти.
Куманово, пак, ќе ги обедини локалните занаетчии, малите производители и општинските институции во организиран новогодишен пазар на Градскиот плоштад, настан со заедничка цел: промоција на домашното производство и зајакнување на локалната економија во пресрет на празниците.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, потенцира дека Општината годинава издвојува околу 500 илјади денари за новогодишно украсување, при што најголем дел од украсите се сопственост на Општината и се користат повеќегодишно.
– Новитет е токму новогодишниот пазар, кој им дава можност на граѓаните да купуваат локални сувенири и производи во празнична атмосфера. Пазарот ќе биде проследен и со богата културно-забавна програма, со настани за најмладите и со традиционалното пристигнување на Дедо Мраз, со концерти на домашни изведувачи и познати музички имиња од домашната сцена – изјави Димитриевски.
Целта, како што нагласува градоначалникот, е Куманово да понуди содржински богат празничен период и новогодишниот пазар да прерасне во традиција.
Претседателот на Занаетчиската комора, Агрон Фазлији, истакна дека интересот кај занаетчиите годинава е значително зголемен, што, според него, е резултат на континуираната соработка меѓу Комората и локалната самоуправа. Во изминатиот период, како што посочи, биле реализирани повеќе активности насочени кон поддршка на старите и традиционални занаети, субвенции, саеми за мало стопанство, кои постепено ги враќаат интересот и довербата кај занаетчиите.
– Овој новогодишен пазар ќе трае 25 дена, ќе биде целосно бесплатен за излагачите и претставува најдолг ваков пазар во државата – изјави Фазлији.
Тој додаде дека јавниот повик бил навремено објавен и дека биле исполнети фондовите со квалитетни локални производи, кои ги отсликуваат економијата и креативниот потенцијал на градот. (А. П.)












