Општина Карпош ќе постави ново јавно осветлување. Проектот ќе почне да се реализира на 1.11.2025 година, а би требало да заврши кон средината на декември 2035 година.
На последната седница на Советот на Општина Карпош беше одлучено поставувањето на новото јавно осветлување на територијата на Општина Карпош да се одвива во фази. Притоа, реализацијата на поединечните фази во рамките на десетгодишниот период ќе се одвива на следниов начин. Во 2025 година се планира изведба на работи во износ од 1.000.000 денари. Се планира секоја наредна година од 2026 до 2034 да бидат инвестирани по 14.747.000 денари, додека во 2035 година да бидат потрошени 13.747.000 денари за оваа намена.
Советот даде зелено светло и за потпишување изјава на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, дека Општина Карпош нема формирано јавно претпријатие, односно дека надлежноста за снабдување со вода за пиење ја врши ЈП „Водовод и канализација“. Оттука, ова јавно претпријатие ги покрива услугите што се однесуваат на снабдувањето со вода за пиење и на одведувањето на урбаните отпадни води. Поточно, по таа изјава, се овластува градоначалникот Јакимовски да ги потпише договорите за грант, кои ќе бидат склучени согласно со Договорот за финансирање SERAPIS бр. 2018-0837 меѓу Македонија и Европска инвестициска банка (ЕИБ).
Станува збор за проекти за подобрување на водната инфраструктура на локалната самоуправа од Карпош, за кои државата се задолжува со заем кај ЕИБ. Со овие средства ќе биде поставена нова фекална и атмосферска канализација на улицата „Скупи“, како и на улиците број „2“, „8“ и „9“, кои се наоѓаат во непосредна близина на „Хубо“.