сабота, јуни 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ТРГНУВА КОН СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА: Мицкоски: Дојде време...

НОВИОТ ЗАКОН ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ТРГНУВА КОН СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА: Мицкоски: Дојде време да престанеме со експерименти во образованието и да почнеме со системски решенија

483

Долго време во нашата држава се правеа експерименти со нешто што не смее да биде предмет на импровизација – со образованието. Сега е време да почнеме со системски решенија, изјави денеска македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Тој се обрати на заедничка прес-конференција со министерката за образование и наука Весна Јаневска и ректорите на седумте државни универзитети при што истакна дека новиот предлог-закон за високо образование е резултат на широк дијалог и заеднички решенија со академската заедница. Според него, овој закон не е политички проект на Владата, туку државно прашање од кое зависи иднината на младите и квалитетот на образованието во земјата.

-Токму образованието е фундаментот врз кој се гради секое општество. Кога се прават погрешни чекори тука, последиците ги чувствуваат генерации, не само денес, туку и утре. Долго време, високото образование трпи големи штети поради тоа што такво законско решение се донесе во 2018 година. Не чинеше едно, се донесе уште полошо. Намалени прагови за напредување во звања, намалена научна продукција, намалена финансиска поддршка за универзитетите и ред други работи, донесоа и намален квалитет. Како Влада, не можеме да си дозволиме да замижеме и да оставиме уште една изгубена деценија зад нас. Ова е наша одговорност и наша должност – нагласи Мицкоски.

Тој потенцира дека особено е важно што новото законско решение создава услови младите да останат тука.

-За прв пат, студентите кои со стипендии од државата студираат на најдобрите 100 светски универзитети, како и најдобрите студенти во Македонија – добитници на Инженерски прстен или прогласени за најдобри на своите универзитети – ќе имаат предност при вработување на државните универзитети. Подмладокот е клучот за одржливост и развој. Воведуваме и нов модел на финансирање на високообразовните установи. Дел од средствата ќе бидат насочени кон развој, а дел ќе зависат од резултатите. Повеќе вложен труд ќе значи и повеќе средства. Ќе вложуваме повеќе, но ќе бараме и отчетност. Буџетот за универзитетите годинава изнесува 7,5 милијарди денари – значително повеќе од претходните години. Овој тренд ќе продолжи – најави премиерот.

Тој додаде дека овој закон не е донесен зад затворени врати туку дека се водела широка дебата.

-Ова е заедничко решение. И токму затоа верувам дека ќе даде резултати. Како генерација мора да сме свесни дека ако продолжиме на овој начин да функционираме ќе ги изгубиме младите и да не се чудиме зошто илјадници наши млади студираат на универзитетите во регионот. Мора да понудиме квалитет ако сакаме да имаме генерации коишто утре ќе ја водат оваа држава. Со импровизирање и со адхок решенија или решенија што се креирани само за една мала група на луѓе не можеме да одиме напред. Или ќе ја работиме работата како што треба или подобро воопшто да не ја работиме и да ставиме клуч и да знаеме дека државата нема иднина. Јас ќе се борам се додека сум претседател на Владата во оваа држава да има многу поголема иднина од оваа којашто некој за жал ја претскажува и за жал одредени опозициски структури коишто сакаат да ја врата во оние темни мрачни времиња исполнети со криминал, корупција, неквалитет и не просперитет. Мора да напредуваме на ранг листите каде што се оценуваат нашите универзитети, значително и на Шангајската ранг листа којашто сакале или не претставува главна репер листа којашто го оценува квалитетот на високото образование – порача претседателот на Владата. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ