Новиот дом на Националниот џез-оркестар, во рамките на објектот на Националната опера и балет, го добива својот конечен изглед. Во тек е втората фаза од градежните активности за завршување на  просториите во кои ќе функционира овој оркестар.

– Во 2023 година, преку проектантското студио „Мегарон инженеринг“, е направен проект за целосна обнова на овој објект, кој потпаѓа под Македонската опера и балет. Тогаш се одвоени некаде околу 10 милиони денари за првата фаза од реконструкцијата, при што се направени погрубите работи во овој простор (целосна инфраструктурна подготовка, нови инсталации, хидроизолација, преградни ѕидови и сериозни градежно-занаетчиски работи). Во втората фаза се одобрени некаде околу 7 и пол милиони денари, со кои просторот ќе добие конечен изглед. Се работи за канцеларискиот простор и за салите за вежбање. Изведувачот има рок на изведба 90 дена и на крајот ќе видиме еден прекрасен простор, каде што, по долго време, ќе има одлични услови за работа. Се надевам дека со тие услови ќе може да се обезбедува и многу поголема и постабилна продукција – посочи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при вчерашната посета на просториите во кои ќе биде сместен Националниот џез-оркестар.

Инаку, станува збор за современ и функционален простор, од околу 500 квадратни метри, во кои ќе има голема сала за вежбање на оркестарот, која ќе биде поврзана со тонското студио, гардеробите, канцелариите и со другите помошни простории.

– Верувам дека сè ќе биде навреме завршено, а со тоа ќе ни се олесни и работата. Бескрајно сме му благодарни на раководството на Македонската опера и балет што ни излезе во пресрет во овие години и за пробите и за можноста да ги реализираме нашите концерти, нашата програма. Ова ќе биде олеснителна околност за да можеме во иднина да реализираме уште подобри проекти и подобра програма – посочи Гоце Стевковски, директорот на Националниот џез- оркестар.

Националниот џез-оркестар, како национална установа, е основан со одлука на Владата во март 2023 година, а на иницијатива на Здружението на џез- музичари и слободни уметници (ЗЏМ), кое претходно со години функционираше како биг-бенд и активно настапуваше во земјава и во странство. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ