Со полска донација во вредност од 29.000 евра ќе се обновуваат столчињата и подот во Театар Комедија. Денеска, во оваа театарска куќа, беше потпишан договор помеѓу директорот на оваа театарска куќа, Дарко Спасов, и полскиот амбасадор во нашата држава, Мариуш Бримора, со кој ќе бидат доделени средствата токму за реконструкција на гледалиштето и за промена на седиштата во Театар Комедија. Другите средства за заокружување на проектот ќе бидат обезбедени од Министерството за култура и туризам на Македонија и од физички лица што ја поддржуваат оваа благородна иницијатива. Полскиот амбасадор, во своето обраќање, ја истакна важноста на културната дипломатија како мост за меѓусебно поврзување.
– Секоја година, амбасадите испраќаат предлози за проекти за помош до Варшава, од кои Комитетот ги избира проектите што ќе бидат спроведени во дадената година. Само во 2024 година, полските амбасади на Западен Балкан спровеле 17 проекти за помош, во вредност од над 220 илјади евра. Нашата денешна средба во Театарот Комедија е поврзана со фактот дека оваа година Амбасадата на Република Полска во Скопје доби средства за реализација на два проекта поднесени од нас, од кои еден се однесува токму на овој театар. Тоа е проект за ревитализација на театарскиот аудиториум, за кој Полска ќе одвои 29.000 евра. Tокму денес го потпишуваме договорот со Театарот, кој претпоставува дека проектот ќе биде реализиран пред крајот на оваа година. Уште повеќе сме задоволни што веќе претходно ја започнавме соработката со Театарот Комедија, кој во претстојната сезона ќе ја претстави „Ивона, принцезата од Бургунд“, претстава на водечкиот полски драматург, Витолд Гомбрович. Се надеваме дека премиерата на оваа претстава, закажана за ноември тековнава година, ќе можеме да ја гледаме седејќи на новите седишта во реновираниот аудиториум. Моја желба би била програмата на Tеатарот Комедија секоја година да вклучува претстава од полски драматург – посочи амбасадорот Бримора.
Директорот на Театар Комедија, Дарко Спасов, пак, истакна дека дошло до одлуката за донација при разговорите за културна соработка.
– Денеска потпишавме договор со Неговата екселенција, Бримора. При еден од нашите разговори како би одела нашата соработка во светот на откривање на полската култура, зборувавме и за тоа дека го посетиле Театарот Комедија, при што нивната забелешка била „претставите ви се одлични, но столчињата се груби“. Ние се договоривме со полска помош да се пријавиме на конкурс, со кој би добиле помош за реконструкцијата. Тогаш кажавме и дека културата е многу битна. Оваа нивна помош е еден нов почеток за соработка – посочи Спасов.
Тој истакна дека следниот чекор е објавување јавна набавка, која ќе потрае, по што три недели претставите ќе се одржуваат само на малата сцена додека трае реконструкцијата на столчињата и на подот во големата сала. (Д. Т.)
Фото: Ѕ. Плавевски