Нови мамографи, томографи, ангиографи… вредни 13 милиони евра скапуваат во подруми

Листите за преглед непрегледни, скапи медицински апарати со години останале неотпакувани

237

Во време кога бројот на пациенти со малигни заболувања расте, по болниците нема медицински кадар кој знае да ги користи скапите апарати за откривање и лечење на болестите. Додека граѓаните плаќаат богатство да се снимаат на приватно, државните апарати се чуваат во несоодветни простории и скапуваат, особено во внатрешноста.

Современа медицинска опрема, вредна 13 милиони евра, не се користи во јавното здравство поради необучен кадар и немање место за чување и сето тоа влијае врз квалитетот на здравството, стои во последниот извештај на Државниот завод за ревизија. Ревизијата се однесува на периодот од 2021 до 2023 година и ги опфатила апаратите: компјутерска томографија, ангиографи, акцелератори, мамографија со томосинтеза и стереотакса, позитронско-емисиона томографија во комбинација со компјутерска томографија (ПЕТ/КТ) и апарат за роботска рехабилитација.

За дел од набавените апарати е обезбедена основна обука од производителот, но е потребна и дополнителна специјализирана обука за одредени здравствени работници за да можат целосно да ја користат опремата“, или со други зборови бадијала се купувале скапи апарати кога нема кој да управува со нив. Исто така, опрема со вредност од 5,5 милиони евра не се користи во полн капацитет. Дел од КТ уредите и ангиографите, набавени пред повеќе од 10 години, често се расипуваат и не се во функција со месеци, па и со години.

Сите на терапија на Клиника, апаратите во внатрешноста скапуваат

Во време кога расте бројот на луѓе со малигни заболувања, ревизорите утврдиле дека апаратите за радиотераписки услуги не се користат, особено во внатрешноста. Така, вкупно 5 акцелератори не се ставени во употреба и тоа: 2 на Клиниката за онкологија, 2 на Клиниките во Штип и Битола и 1 во Градската болница „8 Септември“.

Иако се набавени акцелератори и за други здравствени установи, сите услуги ги обезбедува единствено Клиниката за радиотерапија и онкологија, каде што се третираат над 2.300 пациенти годишно, односно просечно се вршат околу 200 зрачни третмани на ден. Централизацијата на услугата доведува до преоптовареност на установата и персоналот, што може да влијае на континуитетот и квалитетот на третманот на пациентите“, укажува на проблемот Државниот ревизор.

Нема ред за снимање на крвни садови

Иако бројот на пациенти кои ги снимале крвните садови со ангиограф се зголемил за речиси 70%, сепак ревизорите утврдиле дека тие што ги имаме не се искористени поради необучен кадар и лоша организација на „Мој термин“

Услугите од интервентна радиологија се вршат во само две ЈЗУ од кои 81% се извршени како итни и прегледи без термин и како сервисни и интерни услуги, стои во извештајот на ДЗР.

Државните компјутери за томографија се расипуваат од стоење додека приватните чинат богатство

Половина од компјутерите за томографија се амортизирани, а пари за поправка тешко се одвојуваат, како пример ревизијата го посочува апаратот во Струмица кој цела година не работел. Во време кога побарувачката за оваа услуга се зголемува, државните апарати не се одржуваат, а граѓаните плаќаат богатство за услугите во приватните болници.

Дополнително, новите КТ уреди, набавени за обезбедување на подобра територијална распределеност на услугите, не секогаш се користат согласно капацитетот, а 2 КТ уреди во болниците во Тетово и во Кочани не се ставени во употреба поради технички и кадровски проблеми, ревизијата предупредува дека со оптоварување на апаратите поради големиот број на итни снимања постои опасност од голема изложеност на зрачење.

Само еден ПЕТ/КТ скенер опслужил 180 пациенти месечно

Притисокот од граѓани кои побарале услуга за рано откривање на ракот е случај и со единствениот ПЕТ/КТ скенер кој според ревизијата и тој како и другите апарати не е целосно искористен заради поголем број на снимања. Мамографите кои се инсталирани во 4 здравствени домови се употребуваат само за примарна намена-дигитална мамографија, но не и за дополнителните функционалности, томосинтеза и стереотакса, кои се користат само при спроведување на националниот скрининг за рак на дојка.

„Утврдено е дека ваквата состојба се должи на потребата од набавка на дополнителна опрема, неутврдени референтни цени од Фондот за здравство и немањето на соодветно обучен персонал за овој вид услуги, пишува во извештајот на ДЗР

Ревизорите заклучуваат дека нема доктори и медицински работници, а бројот на заболени се повеќе расте. И тој кадар што го имаме не е доволно обучен, па затоа апаратите скапуваат во несоодветни простории покриени со пластични најлони.

И покрај зголемувањето на платите и вложувањата во едукација, бројот на специјалисти радиолози во ЈЗУ од 2021 до 2023 е намален од 88 на 79, а во Институтот за радиологија, од 30 на 23 специјалисти. Дополнително, Регистарот на здравствени работници не се води ажурно, што го отежнува планирањето на човечки ресурси. Преку спогодби меѓу установи се обезбедува повремен ангажман на кадар, но овој пристап не гарантира непрекината здравствена заштита. Соочено со сериозен дефицит, Министерството за здравство започна активности за итно вработување на 600 приватни специјализанти до крајот на 2025 година, од кои 69 се радиолози, со цел да се обезбеди континуитет и одржливост во давањето на здравствените услуги. Иако ЈЗУ се обврзани континуирано да ја одржуваат медицинската опрема во исправна состојба и навремено да ги евидентираат дефектите во системот ‘Мој термин’, ревизијата утврди дека постои недоволна ажурност и различна практика во спроведувањето на овие обврска“, стои во извештајот.

Ревизорот укажува и на уште еден проблем кои го прави монополската позиција на сервисерот на апаратите, парите за одржување биле еднакви на нова опрема како во случајот со акцелераторите. Медицинската опрема која е расипана и радиоактивна се уште се чува по болниците,  иако просториите можат да се искористат за друго, пишува Ревизорот кој им дал препораки на здравствените власти за подобрување на искористеноста на апаратите.

Клековски: Го решаваме проблемот со недостиг од медицински кадар

Директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, во изјава за новинарите од битолската болница, каде што денеска, тест за вработување полагаа 34 специјализанти, вели дека државата го решава проблемот со недостигот од кадар во болниците.

– Вработувањето на овие специјализанти е само почеток и придонес за решавање на недостигот од човечки ресурси во болниците во овој дел од земјата и се надеваме дека ќе продолжиме со следната група специјализанти. Знаеме дека најголем дел од болниците во овој регион функционираат со намален број на лекари и ова е првиот чекор за решавање на проблемот. На долг рок очекуваме покривање на дел од специјалности кои ги нема затоа што во моментов нема доволно специјалисти. Со новите ресурси ќе се зголеми бројот во оддели каде што состојбата е критична во однос на потребни специјалисти за задржување на дејноста – изјави Клековски. (П.А.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ