среда, февруари 25, 2026
Дома КУЛТУРА „Нови хоризонти“ – концерт на Македонската филхармонија со врвниот пијанист Алим Беисембајев

„Нови хоризонти“ – концерт на Македонската филхармонија со врвниот пијанист Алим Беисембајев

11

Оркестарот на Македонската филхармонија, на 26 февруари, со почеток во 20 часот, ќе одржи симфониски концерт насловен „Нови хоризонти“, на кој како солист ќе настапи Алим Беисембајев од Казахстан, еден од најдобрите млади пијанисти во моментов на светската музичка сцена. Диригент е маестро Емил Табаков, а на програмата се Концерт за пијано и оркестар бр. 1 во бе-мол, оп. 23 од П. И. Чајковски, Суита бр. 2 „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.

Алим Беисембајев, роден во Казахстан во 1998, ги започнал своите музички студии во училиштето „Пурсел“, каде што освоил повеќе награди, меѓу кои и Првата награда на Меѓународен натпревар Клибурн за јуниори. Учел кај Теса Николсон, со која продолжил да работи и на Кралската академија за музика во Лондон. Во 2023 година ги завршил магистерските студии и Диплома за уметник по изведба на Кралскиот колеџ за музика, под менторство на професорката Ванеса Латарш.

Тој ја освои Првата награда на Меѓународниот пијанистички натпревар во Лидс во септември 2021 година, изведувајќи ја „Рапсподија на тема на Паганини“ од Сергеј Рахмањинов

со Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, а ја доби и Наградата на публиката на Медичи.тв, како и Наградата на Кралското филхармониско друштво на Ливерпул за современа изведба. Toa се само неколку од признанијата за овој извонреден пијанист.

Меѓу неговите значајни оркестарски настапи се вбројуваат концертите со Симфонискиот оркестар на Би-би-си, Филхармонискиот оркестар на Би-би-си, Чешката филхармонија, Симфонискиот оркестар на Барселона, Симфонискиот оркестар на СВР Штутгарт, Националниот симфониски оркестар на Индија, Државниот академски симфониски оркестар на Русија „Евгениј Светланов“, како и Форт Ворт симфонискиот оркестар (САД), меѓу многуте други. Во сезоната 2024/2025, Алим остварува низа значајни деби настапи, меѓу кои со Симфонискиот оркестар на BBC Шкотска и Филхармонискиот оркестар од Сјамен (со Клавирскиот концерт бр. 1 од Чајковски), Sinfonietta Cracovia (Клавирски концерт бр. 20 од Моцарт), како и со Филхармонијата „Јаначек“ од Острава (Равелов Концерт за лева рака). Алим Беисембајев настапува и со рецитални програми на некои од најпрестижните светски сцени.

Во декември 2022 година, издавачката куќа „Варнер класикс“ го објави неговиот деби-албум „Лист: Трансцендентални етиди“, кој ги содржи сите дванаесет етиди на Франц Лист и беше пречекан со одлични критики.

ИЗДВОЕНИ