вторник, јули 14, 2026
Дома МАГАЗИН Новак Ѓоковиќ добива документарен филм: „Волкот во зима“, ексклузивен поглед зад сцената...

Новак Ѓоковиќ добива документарен филм: „Волкот во зима“, ексклузивен поглед зад сцената на најтрофејниот тенисер во историјата, премиерно ќе биде прикажан на 20 август

29
Фото: EPA/JOHN G. MABANGLO

Документарниот филм за Новак Ѓоковиќ, насловен „Новак Ѓоковиќ: Волкот во зима“, ќе има премиера на 20 август на платформата Prime Video.

Ѓоковиќ со тоа им се придружува на Рафаел Надал, Роџер Федерер, Серена Вилијамс, Карлос Алкараз и Наоми Осака, кои во претходните години добиваа документарни филмови или серии посветени на нивните кариери.

Филмот е режиран од Џејсон Хехир, автор на наградуваната серија „Последниот танц“ за Мајкл Џордан и „Чикаго Булс“.

За разлика од некои слични проекти, Ѓоковиќ не е наведен како продуцент на филмот.

Авторите најавуваат дека документарниот филм ќе донесе ексклузивен поглед зад сцената и ќе го покаже патувањето на Ѓоковиќ од момче кое пораснало во воено разорената Србија, преку предизвикувач на Роџер Федерер и Рафаел Надал, до најтрофејниот тенисер во историјата.

„Новак ни даде неограничен пристап до неговата физичка и ментална подготовка додека се натпреварува на највисоко ниво против играчи кои понекогаш се двојно постари од него. Го запознавме како татко, сопруг, пријател и понекогаш тврдоглава и контроверзна јавна личност. Тој е фасцинантна личност и верувам дека публиката ќе ужива во приказната за еден од најголемите на сите времиња во последните фази од неговата брилијантна кариера“, рече режисерот Хехир.

За разлика од Надал и Федерер, кои ги објавија своите документарци по завршувањето на нивните кариери, Ѓоковиќ одлучи да го стори тоа додека сè уште беше активен на најголемите турнири, пренесе “Бета“.

ИЗДВОЕНИ