Нова ера за славниот стручњак!

416
EPA-EFE/JUANJO MARTIN

По четири години поминати на клупата на Реал Мадрид, Карло Анчелоти официјално ја заврши епизодата во Шпанија и започна ново, возбудливо поглавје – како селектор на бразилската репрезентација.

Ова е првпат во кариерата прославениот италијански стручњак да предводи национален тим, а предизвикот што го очекува е огромен: да ја оживее гордоста на „Селесао“ и да го врати Бразил во борбата за најголемите светски трофеи.

Анчелоти е фотографиран на аеродромот додека се качувал на лет за Рио де Жанеиро, каде во наредните денови ќе ги извршува првите официјални обврски. Се очекува тој да се запознае со играчите кои веќе ги упати на прелиминарниот список, како и со подготовката на првите собири и тренинзи.

Неговата официјална промоција како селектор е планирана за почетокот на следната недела, а сите очи на светската јавност се насочени кон Бразил.

Последната сезона на Анчелоти во Мадрид не ги исполни очекувањата:

Елиминација во четврт-финалето од Лигата на шампионите
Пораз во финалето на Купот на кралот
Второ место во Ла Лига, зад Барселона
И покрај се, неговиот вкупен настап на клупата на Реал останува импресивен, но промените беа неизбежни, а Анчелоти сега врти нова страница во кариерата.

Најголема задача што го чека Анчелоти ќе бидат квалификациите за СП 2026 година, кое ќе се игра во САД, Мексико и Канада. Бразил сè уште го држи рекордот за најмногу освоени титули (5), но не ги достигна височините што се очекуваа во последниве години – вклучително и предвремено излегување во Катар 2022 година.

Искуството, тактичката дисциплина и авторитетот на Анчелоти треба да послужат како основа за враќање на бразилската репрезентација на светскиот врв.

Од Милан до Мадрид, од Челзи до Баерн, Карло Анчелоти освои титули низ Европа. Но, сега го чека најспецијалниот предизвик – да ја води најтрофејната репрезентација во историјата на фудбалот. Дали ќе успее да го врати Бразил на врвот? Првите чекори се веќе направени.

ИЗДВОЕНИ