Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес направи увид во градежните активности за уредување на
Нов парк на површина од околу 1.250 квадратни метри се оформува во дел од просторот на училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.
Од Општина Кисела Вода информираат дека станува збор за досега запуштен простор кој добива целосно нова намена и ќе биде уреден како зелено катче со содржини за сите генерации.
Оттаму додаваат дека просторот ќе биде хортикултурно уреден, со детски реквизити, павер-елементи, урбана опрема – клупи и корпи за отпадоци, осветлување и зеленило. При тоа, наведуваат дека на еден дел од паркот ќе се изгради современ сообраќаен полигон за учење на сообраќајните правила, каде децата ќе можат да возат велосипеди и истовремено преку игра да се запознаат со сообраќајни знаци, семафори и сообраќајна култура.
-Особено значајно е што станува збор за прв инклузивен сообраќаен полигон, прилагоден за деца со попреченост. Тоа значи дека полигонот ќе содржи пристапни патеки, визуелни и звучни елементи, тактилни површини и специјално дизајнирани едукативни содржини кои овозможуваат еднаков пристап и активно учество на сите деца – без разлика на нивната способност – нагласуваат од Општина Кисела Вода и додаваат дека на овој начин испраќаат силна порака за инклузивност, прифаќање и еднакви можности за сите деца.
– На местото на поранешна депонија, добиваме целосно нов урбан простор кој ќе им служи на жителите од овој дел на општината, но и на учениците од специјализираното училиште во близина. Создаваме катче каде децата ќе може да играат, да учат и да се развиваат во безбедна и уредена околина. Особено сум горд што тука го градиме првиот инклузивен сообраќаен полигон во општината – простор кој ќе биде прилагоден за сите деца, вклучително и оние со попреченост. Полигон со кој промовираме еднаквост, разбирање и интеграција уште од најрана возраст. Со пристапни патеки, звучни и визуелни елементи, тактилни површини и едукативни содржини, децата ќе можат низ игра да ги совладаат сообраќајните правила, но и да ја научат вредноста на инклузивноста. Овој проект, воедно е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за зголемување на степенот на зеленило и подобрување на животната средина. Во последните 3.5 години, општината има оформено и уредено над 80.000 квадртани метри нови зелени површини, со што значително се подобрува еколошкиот амбиент и урбаниот пејзаж – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.