Универзитетскиот професор и претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, и официјално е новиот гувернер на Народна банка. Парламентарното мнозинство го верификуваше неговиот мандат со 68 гласови „за“ и 16 „против“, што му го даде претседателката на државата да биде на чело на оваа институција во наредните седум години.

По положувањето на свечената заклетва, Славески ги претстави неговите приоритети кои ќе водат кон ценовна и финансиска стабилност, како и поддршка на владините политики, но со задржување на независноста на Народната банка.

– Ниска и стабилна инфлација и финансиска стабилност што ќе бидат поддршка на амбициозните владини политики ќе биде фокусот мој и на моите советници. Очекувањата на јавноста се дека ќе има стабилен девизен курс, но јас како професионален економист го следам и реалниот девизен курс кој зависи од односот на нашите домашните цени и цените со нашите трговски партнери, пред сè, оние во еврозоната. За жал во изминатиот период, особено по 2022 година имаме значителна реална прецијација на реалниот девизен курс, а тоа се должи на високата инфлација кај нас, која беше повисока во просек од онаа во еврозоната. Реалниот девизен курс на денарот од 2002 година ноември до јануари од оваа година е зајакнат за 5,4% во однос на сите трговски партнери, а во однос на еврото денарот има апресирано цели 9%, што значи губење на конкурентноста на македонската економија – изјави Славески.

Тој истакна дека Република Македонија станува поскапа за нашите трговски партнери и тоа го погодува извозот.

– Ни претстои туристичка сезона, во нашите туристички центри имаме и откажувања на аранжмани со изговор од агенциите од странство дека Република Македонија станала релативно скапа земја. Ова значи дека ќе треба стапката на инфлација да ја држиме во рамки на онаа во еврозоната. Тоа што имавме стабилен фиксен девизен курс изминатиов период се должеше на една единствена причина, нашата стапка на инфлација беше во рамките на онаа во еврозоната со која е врзан денарот – смета тој, и истовремено демантираше дека во никој случај нема да воведе флексибилен девизен курс објаснувајќи дека ако е преценета вредноста со ниска инфлација во рамките на таа од еврозоната, со тек на времето ќе се испеглаат тие разлики.

Во рамки на општата расправа и низа реплики и контрареплики пратениците изнесоа различни ставови при што пратениците од власта се фокусираа на неговата стручност и компетентност, додека, опозицијата на политичката припадност на Славески и визијата за независноста на институцијата.

Различни гледишта за изборот на Славески искажаа пратеници од владејачката партија и од опозицијата. Првите ја потенцираа неговата експертиза и способност. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, го пофали Славески оценувајќи го како „визионерски пионер на мерки што давале резултати имајќи ја во предвид неговата економска и неговата општествена активност“. Вторите неоспорувајќи ја неговата стручност, но со  оглед на партиската припадност на Славески кон ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата го отвори и прашањето за можната загрозеност на независноста на Народната банка.

Долга е листата на функции што Славески ги вршел во изминативе години, како професор во земјава и странство, а има богато искуство во извршната власт. Од 1999-2000 ја извршуваше функцијата министер за развој и 2006-2009 беше министер за финансии во влади предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Неговата академска работа е фокусирана на макроекономија, фискална политика и меѓународни финансии. Како министер за финансии, спровел реформи во даночниот и финансискиот систем. Автор е на голем број научни трудови, публикации и учесник на меѓународни конференции.

Во текот на криерата соработувал и со меѓународни институции како Светска банка и УНДП, особено во областа на реформите и стратегиите за економски развој. Коавтор е на првата антиинфлаторна програма што се изработи и усвои во рамките на монетарното осамостојување на Македонија во април 1992 година. Славески, во периодот септември 2006 – јули 2009 година, ги извршуваше функциите гувернер на Република Македонија во Светската банка и во Европската банка за обнова и развој.

(С.Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ