петок, октомври 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НИШТО ОД ОБИДОТ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА КОНФРОНТАЦИИТЕ ВО ОПОЗИЦИСКИОТ СДСМ: Герасимовски подаде...

НИШТО ОД ОБИДОТ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА КОНФРОНТАЦИИТЕ ВО ОПОЗИЦИСКИОТ СДСМ: Герасимовски подаде рака, Платформата експресно ја одби

Откако новиот потпретседател на СДСМ, Горан Герасимовски, најави подготвеност за надминување на несогласувањето, од иницијативата одговорија дека се беспредметни неговите коментари

0

Експресно е одбиена пораката за заеднички средби со цел да се оствари внатрепартиско помирување и сплотување меѓу опозициската партија СДСМ и иницијативата Платформа 12.05, составена од поранешни партиски функционери, која ја испрати новиот партиски потпретседател, Горан Герасимовски. До пораката на Герасимовски доаѓа по категоричното одбивање од актуелното раководство на СДСМ на предлогот на оваа иницијатива за промени во најголемата опозициска партија, кои би почнале со оставка на лидерот Венко Филипче. За Герасимовски, тоа не е пречка да се седне да се разговара, со цел да се случат помирување и обединување.

– Имаше испраќање на неколку неубави пораки од двете страни. Јас секогаш барам начин сите несогласувања и различни размислувања да се стават на маса и да се дискутира за сè. Мислам дека ако се сака, а верувам дека поголемиот дел од Извршниот одбор на СДСМ сака да се седне на маса и да се најде заеднички јазик. Моја заложба и цел е да ги помирам спротивставените страни. Добро е за секоја партија да има различни ставови, но тоа треба да нè прави посилни. На крајот на денот, треба да седнеме сите на маса, да се обединиме и да тргнеме во победа – рече Герасимовски во интервјуто за телевизија „Сител“.

Но, понудата и најавата на Герасимовски нема да бидат прифатени.

– Сè додека на му стане јасно на Герасимовски чиј потпретседател е, неговите политички коментари се беспредметни – изјавија денеска извори од Платформата 12.05 за весникот ВЕЧЕР.

Оваа иницијатива категорично бара смена на лидерот Филипче и формирање интерпартиска работа група, која треба да подготви промена на Статутот, да го ревидира мандатот на делегатите на конгресот и дури потоа да се пристапи кон избор на ново раководство на партијата и кон создавање опозициски фронт. Во интервјуто, новиот потпретседател на СДСМ, Герасимовски, рече дека понудениот план на Платформа 12.05 бил „штур и несериозен и дека се сведува на барањето: ‘Оди си, Венко, за да дојдеме ние’“. Но, тој додаде дека и натаму има другарски однос со дел од луѓето во Платформата и дека Иван Ивановски бил дел од неговиот победнички штаб на локалните избори во Општина Центар.

Од друга страна, јавноста е во исчекување на следните потези на Платформа 12.05м чии претставници неодамна најавија дека во случај на одбивање на нивните барања, „ќе го активираат планот Б“.

– Апсолутно нема да оставиме вака да бидат работите и СДСМ и понатаму, поради лошата политика, да остане заложник на ВМРО-ДПМНЕ. Постојат многу механизми и иако е направен Статутот така што навидум гарантира цврста позиција на раководството, не е баш така. Ќе го соопштиме нашиот следен чекор. Се разбира дека ги имаме разработено и сценариото А и сценариото Б – изјави неодамна пратеничката Славјанка Петровска. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ