Канадскиот премиер Марк Карни предупреди дека Соединетите Американски Држави се обидуваат да ја разбијат Канада за да можат да „владеат со неа“, повикувајќи ги жителите на Алберта на гласањето во понеделник да го отфрлат покренувањето постапка што би можела да доведе до отцепување на оваа покраина.
Гласањето не е директен референдум за независност, туку одлука за тоа дали владата на Алберта ќе добие мандат да покрене правна постапка што би водела кон иден референдум за отцепување, пренесе АП.
Алберта ги има четвртите најголеми докажани резерви на нафта во светот.
„Овој референдум доаѓа во најлошиот можен момент“, изјави Карни на собирот за поддршка на Канада во Калгари, предупредувајќи дека светот станал поопасен и поподелен и дека одредени актери надвор од канадските граници работат на тоа да ја разбијат земјата за да можат да владеат со неа.
Иако директно не го спомена американскиот претседател Доналд Трамп, изјавите на Карни доаѓаат во време на трговска војна меѓу двете земји и повторените закани на Трамп дека ќе ја претвори Канада во 51. американска сојузна држава, истакнува АП.
Карни смета дека Канада мора да ја зајакне својата економија и да ја намали зависноста од САД.
Премиерот ги предупреди жителите на Алберта да не го гледаат гласањето само како начин да испратат порака до федералната влада во Отава.
Карни, кој пораснал во Алберта, во текот на кампањата ги истакна врските на оваа покраина со остатокот од Канада, вклучително и жителите кои се доселиле од други делови на земјата, како и пожарникарите кои доаѓаат да помогнат при шумските пожари.
Иако Алберта со децении е во судир со либералните влади во Отава околу енергетиката и надлежностите на федералната власт, Карни се обидува да ја придобие поддршката на покраината преку промени во енергетската политика.
Тој ја забрза постапката за изградба на нов нафтовод кон Пацификот и истакна дека проектот „Пацифик линк“ ќе отвори повеќе од 140.000 работни места, ќе ја намали зависноста од САД и ќе обезбеди средства за социјалните програми.
Прелиминарното гласање трае до сабота, додека главното гласање е закажано за понеделник.












