Со само една победа и три порази, македонската кошаркарска репрезентација не успеа да ја мине првата фаза (претквалификации) за пласман на Светското првенство во Катар, кое ќе се одржи во 2027 година. Ова значи и чекор наназад за нашата селекција, која неодамна доби нов селектор. Барем Марјан Илиевски сега ќе знае на кого ќе може да смета во наредниот квалификациски циклус, со оглед на тоа што ги играше овие претквалификации во целосно изменет состав, со млади сили.
Последниот натпревар од претквалификациите Македонија го доби со 82:75, откако доминантно, во текот на целиот меч, имаше резултатска контрола против Унгарците, а шанса за настап добија кошаркари што немаа речиси никаква минутажа во нашиот национален тим.
- Кажав дека контранападите ќе бидат нашето најсилно оружје, го анулиравме и проблемот со скоковите и слободно можам да кажам дека напредуваме во однос на времето што го имавме заедно. Ништо не може прекуноќ, за сè треба време. Ние ќе продолжиме како што најдобро знаеме, критиките се тешки, но може и да ни помогнат за развој на тимот. Повторно апелирам до клубовите да сметаат на овие играчи, бидејќи ни претстојат други претквалификации, а кошаркарите треба да бидат носители на репрезентацијата. Тоа е единствената насока за помош на националниот тим во иднина. Играчите и стручниот штаб работеа максимално, поминавме време со прекрасни личности и спортисти. Верувавме едни во други и се надевам така ќе биде и во иднина. Не ја сфаќам еуфорично победата, таа е плод исклучиво на хемијата што ја имаме во тимот. Заокруживме циклус со победа, што многу значи на почетокот на еден долг пат. Ако ги земеме предвид резултатите, можеме да бидеме задоволни. Ние се вклучивме во приказна што беше многу кратка. Изненаден сум од пристапот на играчите од првиот до последниот ден, кој колку придонесе на паркетот не е важно, бидејќи атмосферата беше на високо ниво, и никој не се штедеше. Нормално е да имаме детски болести, но тие се решливи и не би сакал да кажам дека може тоа да биде проблем во иднина – заклучи Илиевски.
Инаку, поразителен податок е и тоа што убедливо најдобар поединец во овие претквалификации беше Џејкоб Вајли. Натурализираниот Американец, на четирите натпревари за Македонија, постигна 85 поени и беше далеку најдобар на теренот во однос на другите репрезентативци. Вреди да се напомене дека Македонија ги играше овие претквалификации без двајцата најдобри кошаркари, Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шортс, кои решија да им дадат предност на клубовите во однос на репрезентацијата.