Николовски: По локалните избори, нови мерки и поволност за купување станови за младите

20

Владата, по спроведувањето на локалните избори, ќе ги соопшти мерките за запирање на превисоките цени на становите во Скопје, но и во неколку други центри во државата. Фокусот е ставен на младите – полесно да си обезбедат живеалиште, изјави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, во врска со тоа кои мерки и олеснување ќе се преземат за да се намали цената на становите. Според него, нема економска логика за тоа што се случува.

– Јас познавам многу што продаваат, а малку што купиле по таа цена. Мора да се спуштат цените, превисоки се. Секако, ние тука се обидуваме да помогнеме. Најголемиот фокус е кон младите. Затоа што тие се оние на кои им треба живеалиште, особено оние што првпат купуваат куќа или стан и во таа насока е поддршката, а ќе има и други мерки. Сега сме во изборен период и согласно со ограничувањето на Државната комисија за спречување корупција, не може сите да ги презентираме, дел ќе ги презентираме по завршувањето на изборите и тие ќе бидат во насока на регулирање на цената и овозможување на младите многу полесно да си купат стан или куќа – вели Николовски.

Тој додаде дека Штип може да стане еден центар за изградба на поголем број станови и куќи, за што има интерес од Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, како и од приватни инвеститори.

ИЗДВОЕНИ