Србија изрази загриженост од одлуката на Советот на Европската Унија за забрана за транзит на руски гас преку ЕУ до трети земји која стапува на сила од 1 јануари 2026 година. Србија, како и Македонија, добива руски гас преку гасоводот „Балкански тек“, кој поминува преку територијата на Бугарија, која е земја членка на ЕУ. Министерката за енергетика на Македонија, Сања Божиновска, смирува и вели дека нема потреба од загриженост. – Ќе има решение на ниво на Европска Унија. Никој нема да остане без гас, тоа не е опција, истото важи и за Европа и за сите држави. Тоа никако не треба да нè загрижува, ние сме многу мали во однос на сето тоа што тие го трошат, нагласи министерката Божиновска.
Таа очекува дека со изградбата на гасниот интерконектор со Грција, Македонија од 2027 година ќе почне да добива гас од грчкиот терминал Алексанропули, кој во моментот не работи, а АД ЕСМ и натаму продолжува да плаќа по 250.000 евра месечно за закуп на капацитет
Србија изрази загриженост од одлуката на Советот на Европската Унија за забрана за транзит на руски гас преку ЕУ до трети земји, која стапува на сила од 1 јануари 2026 година. Србија, како и Македонија, добива руски гас преку гасоводот „Балкански тек“, кој поминува преку територијата на Бугарија, која е земја членка на ЕУ. Повеќето земји од ЕУ се согласија да го забранат увозот на руски природен гас во ЕУ до крајот на 2027 година. Мерката беше усвоена на состанокот на министрите за енергија на ЕУ во Луксембург, а сега треба да се дебатира во Европскиот парламент.
Министерката за рударство и енергетика на Република Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, соопшти дека е загрижена наведувајќи дека Србија е во многу тешка и речиси безнадежна ситуација. Таа посочи дека Бугарија нема да дозволи проток на рускиот гас до границата со Србија. Истото важи и за Македонија, која целиот увоз на руски гас го добива од цевката од Бугарија.
Сепак, министерката за енергетика на Македонија, Сања Божиновска, смирува и вели дека нема потреба од загриженост. Според неа, одлуката за забрана од 1 јануари 2026 година важи за краткорочните договори, а не влијае на долгорочните договори.
– Македонија троши 500 илјади кубни метри гас што не е многу голема количина. Што се однесува до вториот рок, 1 јануари 2027 година, ние работиме на гасоводот со Грција и дотогаш би требало да е готов гасниот интерконектор со Грција. Сметаме дека нема да има проблем, во Брисел се водат разговори и ќе се пронајде алтернатива. Ќе има решение на ниво на Европска Унија. Никој нема да остане без гас, тоа не е опција, тоа исто важи и за Европа и за сите држави. Тоа никако не треба да не загрижува, ние сме многу мали во однос на сето тоа што тие го трошат – нагласува министерката Божиновска.
Гасниот терминал во Александропулис во Грција не работи, но АД ЕСМ од октомври 2024 година плаќа по 250 илјади евра месечно за закуп. Иако гас оттаму не користиме, согласно со 15-годишниот договор за закуп, АД ЕСМ е обврзана на сметката на операторот „Гастрејд“ да ја уплатува месечната рата. Ваквиот потег на претходната гарнитура на владата и на АД ЕСМ е оценет како непромислен потег, затоа што е влезено без претходна стратегија и разработен бизнис-план. Според министерката Божиновска, тој договор за закуп не може да се раскине.
– Александропулис не работи, но ние уредно ги плаќаме обврските. Имаше пријави за тие што го потпишале тој штетен договор за закуп, но немам информации дали се процесуирани. Засега плаќаме нешто што ниту сме можеле да го користиме, а ниту оваа година ќе го користиме. Се надевам дека имаат ангажирано правни служби и работат на тоа. Досега плаќаме една година, а договорот е на 15 години. Не може да се раскине тоа што е потпишано – јасна е Божиновска.
Во моментов, АД ЕСМ во проектот Александропулис има закупено само капацитет од 1,8 тераватчасови годишно, односно 4,95 гигаватчасови на ден за период од 15 години. Овој трошок за закуп на преносни капацитети за пренос на природен гас од АД ЕСМ во годишниот финансиски извештај за 2024 изнесува 192.127.000 денари (преку 3 милиони евра), а месечните трошоци ги плаќаме и оваа година.
Точно пред една година, АД ЕСМ потпиша меморандум за разбирање со државната компанија „Сокар“ на Азербејџан за набавка на природен гас со цел, зајакнување на енергетската стабилност во земјава.
– Соработката се фокусира на подобрување на достапноста и проширување на можностите за набавка на природен гас, со цел да се обезбеди стабилно, континуирано снабдување по конкурентни цени, во согласност со позитивните законски прописи – соопштија тогаш од АД ЕСМ.
Но, и по една година оттогаш нема информација дали нешто конкретно се случува на тој план. Соседна Србија минатата година склучи договор со Азербејџан за годишна испорака до 400 милиони кубни метри до 2026 година. Србија со децении е зависна од увоз на гас од Русија, од каде што задоволува повеќе од 80 проценти од своите годишни енергетски потреби од 3 милијарди кубни метри.
Одлуката претставува мандат до Советот на ЕУ за преговори со Европскиот парламент, чија согласност е неопходна за да стапи во сила регулативата. Се очекува брз договор во Брисел бидејќи Парламентот на ЕУ претходно се залагаше за забрана за увоз на руски гас и нафта.
Планот на ЕУ е да престане да увезува гас од Русија до крајот на 2027 година, но Унијата сè уште увезува гас во вредност од околу 15 милијарди евра годишно од Русија.
(С. Бл.)