Шефот на Мерцедес, Тото Волф, изјави дека би било неразумно да се отпише седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, по неговиот тежок почеток на сезоната во редовите на Ферари.
- Видовме шема каде што Луис мора да ја пронајде својата магија на почетокот од сезоната, а потоа вториот дел од сезоната е секогаш многу силен. Затоа никогаш не го отпишувајте Луис Хамилтон, изјави Волф во еден подкаст, а објави „Скај“.
Хамилтон се пресели во Ферари оваа година по 12 сезони во Мерцедес и не успеа да се искачи на подиумот во првите 10 трки. Неговиот тимски колега Шарл Леклер беше на подиумот на три трки и има 25 бода повеќе од Хамилтон.
- Не можеш толку брзо да се одвикнеш од возењето. Во 2021 година беше одличен, потоа се сменија прописите и стана малку потешко, но сепак се покажа на многу високо ниво. И само со промена на тим, не ги губите одеднаш вештините. Мислам дека на секого му е потребен период на адаптација. Различен болид, различна ДНК на начинот на кој вози тој болид, нов тим инженери со кои мора да почне да работи, а потоа да биде вклучен во континуираниот развој на болидот за да одговара на неговиот стил на возење. Тоа е целосно италијански тим, а тој е Британец кој се спушти таму со падобран, а тоа одзема време, додаде директорот на Мерцедес.
Хамилтон и Волф го имаа најпознатото и најуспешното партнерство на директор и возач, бидејќи Британецот освои шест од седумте титули на Мерцедес, а тимот освои осум последователни титули кај конструкторите, што е рекорд во Формула 1.
Ова е прва сезона од 2013 година во која Волф не соработува со Хамилтон.
- Секогаш ти недостига личност како Луис Хамилтон. Сè уште сме блиски пријатели. Си ветивме еден на друг дека ќе останеме блиски пријатели. Се бориме напорно на патеката без ракавици бидејќи мора да се бориме за нашите тимови, тоа е правило. Но, надвор од патеката поминуваме време еден со друг, патуваме заедно и не сакам да ми недостига пријателството што го стекнав низ годините, додаде Волф.
Шампионатот во Формула 1 продолжува со тркачки викенд во Шпилберг, а Големата награда на Австрија ќе се одиржи во недела во 15 часот.