Американската компанија „Нетфликс“ (Netflix) планира да отпушти приближно 1.000 вработени – што претставува околу шест отсто од нејзината работна сила – првенствено во секторите за развој на производи, технологија, човечки ресурси и правни работи.
По оваа вест, акциите на „Нетфликс“ пораснаа за еден отсто во тргувањето пред отворањето на берзите во САД, пренесува „Волстрит џурнал“ (Wall Street Journal).
Според интерниот допис од раководството, деловното работење на Netflix се одвива добро и компанијата е на добар пат да ги исполни своите годишни финансиски цели.
Извршните директори Тед Сарандос и Грег Питерс во порака до вработените наведоа дека компанијата ќе продолжи да прави значителни инвестиции во области што можат значително да ја подобрат услугата и да поттикнат раст и иновации, пренесе „Си-ен-би-си“ (CNBC).
Сепак, раководството додаде дека постигнувањето на овие цели бара повнимателно одредување на приоритетите во однос на распределбата на ресурсите.
„Нетфликс“ претходно најави дека ќе ги објави резултатите за кварталната заработка на 20 октомври, по затворањето на американските берзи.
Минатиот месец, на конференцијата „Блумберг скринтајм“ („Bloomberg Screentime“), Тед Сарандос изјави дека „Нетфликс“ не расте толку брзо колку што би сакал тој, пренесува „Танјуг“.












