Готвењето овозможува да оживее уметничката страна на секој. Такво нешто неодамна ѝ се случи на младата гевгеличанка Сара Андонова, на 21. издание на „Бисер на морето“, еден од најголемите кулинарски натпревари и гастрономски фестивали на островот Брач, Република Хрватска. Секоја година на овој фестивал се собираат професионалци, готвачи и  кулинарски експерти од целиот свет. Оваа, 2026 година, на него учествуваа повеќе од 500 учесници од 15 земји, меѓу кои беа и учениците од 48 средни училишта и студентите од два угостителски факултети. Мешајќи го вкусот на вргањот и на смоквата, Сара направила таков вкусен десерт што жири-комисијата не останала рамнодушна и ѝ го доделила златниот медал во јуниорска и во сениорска конкуренција

Велат дека готвењето се смета за уметничка форма, бидејќи овозможува креативно самоизразување, трансформирајќи ги суровите продукти во вкусни ремек-дела што поттикнуваат емоции, раскажуваат приказни и ги ангажираат сите пет сетила. Потребни се страст, прецизност и, пред сè, љубов. Готвењето овозможува да оживее уметничката страна на секој. Такво нешто неодамна ѝ се случи на младата гевгеличанка Сара Андонова, на 21. издание на „Бисер на морето“, еден од најголемите кулинарски натпревари и гастрономски фестивали на островот Брач, Република Хрватска. Секоја година на овој фестивал се собираат професионалци, готвачи и кулинарски експерти од целиот свет. Оваа, 2026 година, на него учествуваа повеќе од 500 учесници од 15 земји, меѓу кои беа и учениците од 48 средни училишта и студентите од два угостителски факултети.

Мешајќи го вкусот на вргањот и на смоквата, Сара направила таков вкусен десерт што жири-комисијата не останала рамнодушна, била импресионирана и ѝ го доделила златниот медал во јуниорска и во сениорска конкуренција.

Тоа беше доволен повод Сара, ученичка во трета година од угостителско-туристичката струка во СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, да ги пренесе за ВЕЧЕР своите импресии оттаму.

Сара, зошто се реши да се запишеш токму на оваа струка и од каде љубовта кон готвењето?

– Љубовта кон готвењето ја добив преку татко ми. И тој порано имаше учествувано на многу меѓународни натпревари за гастрономија. Кога бев помала, му помагав во пишувањето нормативи на менијата на некои ресторани и кога држеше обука во рестораните, јас одев со него и така се навлеков на ова. Но, отсекогаш најинтересни ми се слатките, уживам додека ги правам.

Како се случи да учествуваш на фестивалот „Бисер на морето“ на Брач?

– За натпреварот дознав од татко ми, Зоран Андонов, кој е  долгогодишен готвач и кој порано се натпреварувал токму на овој фестивал. Ова ми е втора година по ред како што се натпреварувам на овој натпревар, лани го освоив второто место во јуниорска категорија за категориите десерт, подготовка на пилешки батак и ризото. Оваа година, за десертот освоив злато, додека за батакот и ризотото освоив сребрени медали.

Колку време се подготвуваше за овој натпревар?

– За овој натпревар се подготвував неколку недели, во моето училиште во Гевгелија, под будното око на татко ми и на професорката Ана Камчева.

Колку ученици се натпреваруваа и од кои земји?

– Имаше околу 200 ученици од дури 48 средни училишта од Србија, Македонија, Хрватска, Црна Гора, Босна, Албанија, Романија, Словенија, Италија и од Франција. Конкуренцијата беше силна, имаше многу талентирани учесници со искуство, па натпреварот беше доста предизвикувачки.

Освои три медали, од кои златен за десерт. Што беше она што го изненади жирито?

– Освоив златен медал за десертот, кој беше избран за најдобар десерт на натпреварот и во јуниорска и во сениорска конкуренција. Подготвив десерт од печурката вргањ и од суви смокви, во облик на вргањ, при што во горниот дел имаше вргањ, а во стеблото сува смоква. Мислам дека беше пресудна таа неочекувана мешавина на печурки и смокви за да го освојам жирито.

Какви впечатоци носиш од овој фестивал?

– Носам многу позитивни впечатоци од годинашниот натпревар на Брач. Заедно со мене на „Бисер на морето“ се натпреваруваше и мојот соученик, Јован Караќаев, во три категории (ризото, батак и равиоли) и освои едно сребро и две бронзи. Атмосферата беше одлична, организацијата на високо ниво, а конкуренцијата силна, ама тоа ме мотивираше да дадам сè од себе. Ми беше чест што учествував и научив многу нови работи.

Што ти е најинтересно да подготвуваш?

– Најинтересни ми се десертите, бидејќи ми даваат простор за креативност. Особено уживам кога комбинирам благо со солено, затоа што тие контрасти создаваат уникатен вкус. Сакам да експериментирам и да откривам нови комбинации.

Постои ли јадење што никогаш не би го пробала?

– Не постои јадење што никогаш не би го пробала. Отворена сум за нови вкусови и секогаш сакам да експериментирам , бидејќи така се учи и се напреднува во готвењето.

 За крај, каде се гледаш себеси по 10 години?

– По 10 години, се гледам како успешен слаткар со сопствена слаткарница овде, во Гевгелија. Сакам да создавам уникатни десерти и да им понудам на луѓето едно особено гастрономско искуство.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

ИЗДВОЕНИ