Обединетите Арапски Емирати го демантираат „Волстрит џурнал“ – ВСЏ, кој објави дека се подготвуваат да им помогнат на САД за да се отвори Хормутскиот Проток.
– ОАЕ остануваат подготвени да ги поддржат колективните меѓународни напори насочени кон заштита на поморската безбедност и обезбедување непрекинат проток на трговија. Секое такво ангажирање би морало да се спроведе во целосна координација со меѓународните партнери и со строго почитување на меѓународното право, наведе функционер на ОАЕ.
Претходно, ВСЏ ексклузивно објави дека ОАЕ се подготвуваат да им помогнат на САД и на другите сојузници да го отворат Хормутскиот Проток со сила, повикувајќи се на изјави на арапски претставници. Според весникот, со тоа Емиратите би станале првата земја од Персискиот Залив што ќе одговори воинствено на иранските напади. ОАЕ, рекоа изворите на ВСЏ, лобираат за резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации што би одобрила таква акција. Дипломати во Емиратите наводно ги повикале САД и воените сили во Европа и Азија да формираат коалиција за да го отворат протокот со сила.












