Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, смета дека сите проблеми на тимот на почетокот на сезоната во Формула 1 доаѓаат од неговата страна на гаражата, а не од страната на неговиот колега, Кими Антонели.
Расел победи на трката за Големата награда на Австралија, која беше отворањето на сезоната, но Антонели оттогаш има две последователни победи во Кина и Јапонија, со што поведе со девет бода во шампионатот пред петнеделната пауза.
Британскиот возач имаше технички проблеми на трките во Кина и Јапонија. Се мачеше во квалификациите во Шангај, додека во Јапонија отиде да менува гуми пред да излезе безбедносното возило, поради што Антонели го престигна, што го остави Расел во фрустрирачка ситуација.
- Не се чувствувам како да имам вистинска среќа. Ова е тркање. Во текот на годината, понекогаш работите одат во ваша корист, а понекогаш против вас. Ме нервира затоа што не успеав да се искачам на подиумот поради рестартирањето на безбедносното возило и не можев да ја наполнам батеријата, а Луис (Хамилтон) ме престигна. Потоа ми се појави нов проблем во видот на Шарл (Леклер), со батеријата, изјави Расел за „Скај спортс“, па дополни:
- Сè уште е многу комплицирано, овие болиди, сè уште е многу, многу рано и мора да се прават овие грешки за да се научи. Но, чувствувам дека во моментов сите проблеми доаѓаат до мене и тоа е доста фрустрирачки, додаде британскиот возач.
Поради војната на Блискиот Исток, трките во Бахреин и Саудиска Арабија беа откажани, а шампионатот продолжува на 3 мај со трка во Мајами.











