Кими Антонели ќе има исклучително тежок предизвик на домашната Голема награда на Италија откако поради казна ќе стартува од последната позиција на патеката во Монца. Возачот на Мерцедес е казнет поради користење на петтиот погонски агрегат во сезоната, со што го надмина дозволениот број компоненти.
Мерцедес одлучи целосно да го замени погонскиот систем, вклучувајќи ги и електрониката за складирање енергија и контролната единица.
Поради тоа, Антонели ќе добие казна од најмалку 20 места и автоматски ќе биде преместен на крајот од стартната линија.
Тимот намерно избра да ја одработи казната токму во Монца, бидејќи долгите правци и конфигурацијата на патеката овозможуваат повеќе можности за престигнување.
Антонели, пак, најавува дека нема да се предаде и дека од првиот круг ќе тргне во целосен напад.
- Со оглед на тоа што стартувам последен, тоа ќе биде целосен напад. Секако, ќе ја користам главата, бидејќи не сакам да предизвикам несреќа – порача Италијанецот.
Тој смета дека може казната да има и позитивна страна, бидејќи нема голем притисок околу резултатот во квалификациите.
- Немам што да загубам. Целта е да освојам што е можно повеќе поени. Ќе се обидам да надоместам што е можно повеќе позиции – додаде Антонели.
Иако не му е лесно да стартува од последното место пред домашните навивачи, лидерот во шампионатот ја разбира одлуката на Мерцедес. Според него, подобро е проблемот со погонскиот агрегат да биде решен сега отколку тимот да ризикува нови проблеми на следните трки.
Антонели верува дека токму стартот од дното може да му овозможи да вози со помал притисок и максимално да ужива пред домашната публика.
Неговата цел е јасна: да се обиде да стигне до најдобрите петмина, иако признава дека многу ќе зависи од текот на трката.
- Мислам дека пласманот меѓу првите петмина е остварлив, но многу ќе зависи од тоа како ќе се одвива трката – вели младиот Италијанец.
Со оглед на тоа што нема да има реална можност да се бори за висока стартна позиција, тој би можел да има и друга задача. Би можел да му помогне на својот тимски колега, Џорџ Расел, доколку се појави ситуација во која Мерцедес ќе има корист од тимската тактика. Антонели потврди дека е можно такво сценарио, но нагласи дека сè уште ништо не е договорено.
По 12 трки, тој е лидер во генералниот пласман со 242 бода. Џорџ Расел и возачот на Ферари, Луис Хамилтон, имаат по 183 бода и се на делба на второто место. Ландо Норис е четврти со 159 бодови, додека Шарл Леклер има 155.
Антонели ќе стартува во Монца од дното, но со оглед на неговата моментална позиција во шампионатот, секој освоен бод би можел да биде исклучително важен.
Така, домашната трка се претвора во голем ризик за лидерот во Ф1, но и во можност за спектакуларен кам-бек.











