Комесарот на полицијата во градот Ахмедабад, Г.С. Малик, потврди дека веројатно нема преживеани во падот на авионот на „Ер Индија“.
„Се чини дека никој не ја преживеал авионската несреќа“, изјави тој за АП.
Тој додаде дека авионот се урнал во густо населена област, и дека веројатно има жртви на земја. „Точниот број на жртви сè уште се утврдува“, рече Малик.
Авионот се урна кратко по полетувањето од аеродромот Ахмедабад, околу пладне по локално време, со повеќе од 240 патници во него. Податоците од јавно достапните уреди за следење на летот покажуваат дека Боингот 787-8 останал на земја или се движел многу бавно повеќе од четири минути откако се појавил на радарот. Тоа беше дури во 13:38 часот кога е забележано ненадејно забрзување до 174 јазли, но надморската височина била само 625 стапки (околу 200 метри) – далеку под стандардната надморска височина за комерцијални летови неколку минути по полетувањето. После тоа, не е забележано понатамошно зголемување на висината.
Џон Мекдермид, професор по безбедносно инженерство на Универзитетот во Јорк, рече дека несреќата била изненадувачка. „Полетувањата и слетувањата се најризичните фази од летот, но тука авионот едвај достигнал 200 метри. Пилотите имаат можност да го прекинат полетувањето многу доцна во постапката, што значи дека проблемот се појавил нагло, или на самиот крај од полетувањето или веднаш потоа“, објасни Мекдермид. Тој истакна дека авионите имаат бројни резервни системи, вклучувајќи ја и можноста за искачување само со еден мотор, што ја прави оваа несреќа уште поневообичаена.