четврток, февруари 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Нема ново излевање на реките, водата од поплавените подрачја се повлекува, но...

Нема ново излевање на реките, водата од поплавените подрачја се повлекува, но штетите остануваат

166

Врнежите од дожд и од снег во одредени подрачја од државата сè уште предизвикуваат проблем, иако, според Центарот за управување со кризи, водостојот на реките се стабилизира, а водата од поплавените подрачја се повлекува.

Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), на подрачјето на Скопје не било евидентирано нарушување на редовната состојба.

И во Тетово и околината состојбата била стабилна, без нарушување на редовното функционирање.

– Сите патни правци се проодни, а коловозите се претежно влажни. ЈП „Македонија пат“ редовно го одржува патниот правец Тетово – Попова Шапка. Во врска со појавениот одрон на патниот правец Гостивар – Маврово, кај каменоломот, надлежните служби се известени и најавено е ангажирање екипа за расчистување и нормализирање на сообраќајот – информираат од ЦУК.

На територијата на Струмица немало пријави за настанати штети, не постоела опасност од излевање на реките и не биле евидентирани одрони или непроодни патни правци.

Според информациите на ЦУК, и на подрачјето на Велес состојбата била стабилна. Немало излевање на реките и на територијата на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане, а водостојот бил во опаѓање.

– Сите патни правци се проодни и чисти. Патниот правец од селото Пелинце до граничниот премин Пелинце беше подмрзнат, но по интервенција од ЈП „Македонија пат“, тој е целосно расчистен. Во Крива Паланка, Кратово и во Страцин, сите главни патни правци се проодни, со тековни интервенции за расчистување на одроните и на снегот на одредени локални делници – нагласуваат од ЦУК.

Стабилна била состојбата и во Штипски Регион.

Со изградба на заштитен насип, била ставена под контрола и реката Сушица во Охрид.

– Сепак, на повеќе локации сè уште има поплавени подрумски простории и дворови – велат од ЦУК.

Оттаму додаваат дека во Струшко, во селата Мислешево и Калишта, има поплавени дворови и дека надлежните служби ја следат состојбата.

Според  ЦУК, реката Радика во Дебар имала зголемен водостој, но без опасност од излевање.

– Патните правци се проодни, со појава на помали одрони, кои редовно се расчистуваат – уверуваат од ЦУК.

Намален бил водостојот на Зајашка Река и на реката Треска во Кичево и нема опасност од нови поплави.

– Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за натамошни активности – истакнуваат од ЦУК.

Оттаму додаваат дека во Демир Хисар, поради оштетување на мост на Боишка Река, локалниот пат за селата Мренога бил затворен за сообраќај.

– Реките се вратени во коритата, освен реката Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде што сè уште има излевање и поплавени земјоделски површини – велат од ЦУК.

И во Битола била нормализирана состојбата и водата постепено се повлекувала од зафатените површини.

– Нивото на реката Црна кај Новаци изнесува 320 сантиметри – децидни се од ЦУК.

Се повлекувала водата и од поплавените земјоделски површини во  Ресен и биле во тек интервенции за расчистување на коритото на Голема Река.

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, ќе следува период на стабилно и суво време со студени утра и утрински температури, кои насекаде ќе бидат под нулата. Утре  и во вторник, наместа дневните температури ќе бидат под нулата, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата, во котлините ќе има услови за појава на магла.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ