Речиси секоја четврта компанија во Германија не успева да ги пополни работните места со квалификувани работници, објави економскиот институт Ифо.
Меѓу илјадниците компании што Ифо детално ги анкетира секој месец, 23,2 отсто навеле дека им недостигаат квалификувани работници, што е за два процентни поени повеќе во споредба со април.
Сепак, овој удел и понатаму е значително под долгорочниот просек од 31,7 отсто, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Слабата економија моментално го ублажува проблемот
„Слабата економија ја ограничува потребата од работна сила“, изјавила аналитичарката на Ифо, Дарија Шалер.
Таа предупредува дека позначително економско закрепнување би можело дополнително да го нагласи проблемот со недостигот на работна сила.
Голем недостиг на работници во телекомуникациите
Недостигот на квалификувани работници е особено изразен во секторот на телекомуникациите, каде што со овој проблем се соочуваат 31,3 отсто од компаниите. Во април тој удел изнесувал 16,3 отсто.
Уште поголем проблем имаат компаниите кои се занимаваат со правно и даночно советување. Уделот на компаниите кои не успеваат да ги пополнат работните места се зголемил од 52,4 на дури 64,7 отсто.
Голем пораст и во индустријата
Значително влошување е забележано и во индустријата.
Додека во април 4,5 отсто од индустриските компании пријавиле проблеми со наоѓањето квалификувани работници, сега нивниот удел изнесува 18,7 отсто.
„Поголемиот број невработени не значи нужно и поголем број достапни квалификувани работници“, објаснила Шалер.
Според неа, клучно е колку квалификациите на достапните кандидати се совпаѓаат со барањата и условите на слободните работни места, пренесува „Феникс магазин“.












