Француските власти воведоа полициски час за сите граѓани во одредени делови на Париз – конкретно на плоштадот „Република“ (Place de la République) и улиците околу квартот „Ле Ал“ (Les Halles) во првиот арондисман – кој ќе важи од 22:00 часот вечерва до 06:00 часот утре наутро, пренесува BFM TV. Мерката важи за сите, а не само за малолетниците, а е воведена по немирите што избувнаа за време на викендот, на маргините на протестите што се одржуваа низ Франција.
Претходно денеска, заменик-градоначалникот на Париз, Емануел Грегоар, изјави дека насилството, грабежите и палењето на јавни објекти во Франција ќе продолжат сè додека владата не понуди политички одговор на кризата.
Обраќајќи им се на граѓаните собрани пред Градското собрание, тој ја истакна потребата од изготвување план и водење дијалог со средношколците и студентите, кои во последните недели протестираат низ целата земја, барајќи поголеми инвестиции во образовниот систем, пренесува „Ле Фигаро“ (Le Figaro).
„Мораме да работиме на попрецизна платформа со барања, за да се создадат услови за решавање на оваа криза“. „Го повикувам премиерот Себастиен Лекорну да се зафати со ова прашање и да иницира преговори со средношколските, студентските и работничките организации“, рече заменик-градоначалникот.
Бранот масовни протести во Франција започна кон средината на септември, првично како локален штрајк и бунт на ученици и наставници во едно средно училиште во посиромашните предградија на Париз. Немирите беа поттикнати од лошите услови во образовниот сектор, хроничниот недостиг на наставен кадар, пренатрупаните училници и дотраените училишни згради.
Протестите се проширија во средните училишта и на универзитетите низ целата земја, проследени со масовни блокади и судири со полицијата. На демонстрациите им се придружија синдикати, родители и активисти од движењето „Жолти елеци“, притоа, кон првичните барања за реформи во образованието се надоврзаа и големи улични протести против високите трошоци за живот, растот на цените на горивата и владините мерки за штедење.












