„Недела на полски филм“ е ревијата на филмови што започна да се одржува во Кинотеката на Македонија и ќе трае до 17 мај. Настанот во соработка со институтот „Адам Мицкевич“ од Полска и со поддршка од Амбасадата на Република Полска во Скопје, а по повод претседателството на Република Полска со Советот на Европската Унија.
Филмската недела започнa вчера со проекција на филмот СОЛАРИС, ЉУБОВ МОЈА (Solaris mon Amour, 2023) – визуелен и поетски омаж инспириран од филмот на Андреј Тарковски и романот на Станислав Лем. Гостинка на проекција беше монтажерката на овој филм Лаура Павела, која по проекцијата заедно со режисерите Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков разговаат за нејзината работа на ова филмско дело.
Во рамки на оваа тематска филмска недела, публиката ќе има ретка можност да погледне избор од значајни полски филмови кои оставиле траен белег во европската и светската кинематографија. Програмата опфаќа наслови од различни генерации и стилови, вклучувајќи ги делата на прославените режисери Кшиштоф Кјешловски и Агњешка Холанд, како и современи гласови како Агњешка Смочинска и Куба Микурда.
Сите проекции ќе се одржат во кино-салата на Кинотеката, со почеток во 20:00 часот, а ќе бидат прикажани филмовите СЛЕПА ШАНСА (Przypadek / Blind Chance, 1987) – 13 мај, ОСАМЕНА ЖЕНА (A Lonely Woman / Kobieta samotna, 1987)- 14 мај, АКТЕРИ ОД ПРОВИНЦИЈА (Provincial Actors / Aktorzy prowincjonalni, 1979) – 15 мај, ЗЕЛЕНА ГРАНИЦА (Green Border/Zielona granica, 1923) – 16 мај и ЈАДИЦАТА (Córki dancing/The Lure, 2015) – 17 мај.