На денешната прес-конференција, градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, нагласи дека Струмичкиот карневал претставува вековна традиција, симбол на градот и препознатлив белег на културниот идентитет.
– Оваа наша жива традиција ги обединува граѓаните, привлекува посетители и ја промовира Струмица како град на културата и на креативноста. Карневалот годинава ќе добие нова енергија со новиот Организациски одбор, кој со внимание и одговорност ги подготвува сите активности. Очекуваме свеж пристап и квалитетна програма, која ќе ја зголеми видливоста на карневалот дома и надвор од земјата – изјави Јанков.

Претседателката на Организацискиот одбор, Танкица Стојанова, најави дека програмата годинава ќе биде богата и разновидна, а главната карневалска вечер е закажана за 21 февруари (сабота).
– Наместо концерт под маски, годинава ќе имаме карневалски мјузикл во НУЦК „Антон Панов“. На 20 февруари ќе се одржи традиционалниот маскенбал со избор на принц и принцеза на карневалот. Новитет на главната карневалска вечер ќе биде концертот на плоштадот „Гоце Делчев“, каде што граѓаните ќе може да се забавуваат заедно со учесниците – рече Стојанова.
Таа додаде дека на 22 февруари ќе се одржи детски карневал, а наредниот ден ќе бидат објавено за наградените маски од главната вечер. Програмата ќе продолжи со традиционалната манифестација „Чист понеделник“, кога се вари и јаде бел посен грав, како и со отворање на интернационалната изложба на карикатура и афоризам, каде што ќе им бидат доделени награди на најуспешните.
На 24 февруари 2026 година, празнувањето ќе продолжи со карневалско корзо и со доделување на наградите, а карневалското издание ќе заврши со одбележување на празникот Тримери и со враќање на клучот од градот од карневалџиите на градоначалникот.
Организаторите информираа дека пријавувањето за учество на карневалските групи од земјава трае до 5 февруари, а за странските групи до 15 февруари. За одржување на карневалот годинава се планирани 3,7 милиони денари од општинската каса, а се очекува и поддршка од Министерството за култура и туризам.












