Познатите спортисти често пати знаат да останат без „скршен денар“ по завршувањето на нивната богата спортска кариера. Таков е случајот и со Мервин Кинг (58), еден од најпознатите пикадо играчи во светот, кој се соочува со сериозни проблеми откако британскиот суд прогласи негов банкрот.
Кинг призна дека должи речиси 600.000 евра за данок и стравува дека ќе го загуби домот. И покрај тоа што е во многу тешка ситуација, тој се обидува да најде нешто позитивно од тоа.
- Ако изгубам се, барем ќе почнам од почеток, се пошегува на своја сметка Кинг.
Ѕвездата на овој спорт, кој е исклучително популарен во Велика Британија, постигна одлични резултати во текот на кариерата и беше високо рангиран. Заработи повеќе од два милиони евра преку најразлични награди.
Меѓутоа, со текот на годините тој ги занемарувал даночните обврски, сметајќи дека не е обврзан да плаќа данок на своите добивки. Покрај играњето пикадо, Кинг се обидел и во градежништвото, но набрзо сфатил дека не е доволно вешт да води компанија. Набргу потоа, за време на пандемијата во 2020 година, тој работел како испорачувач на пратки, само за да сфати дека е на работ на финансиска пропаст.
- Ја сoкрив главата во песок додека долговите се натрупуваа. Мојата сопруга Трејси е загрижена дека ќе ја изгубиме нашата куќа. Ќе прифатиме ако се случи, ништо не можеме да направиме. Знаев дека ќе се случи. Јас се пријавив, подобро беше отколку тие да дојдат и да кажат: „Извинете, господине Кинг, зошто не ги плаќавте даноците 20 години?“.
Кинг сака неговата приказна да послужи како предупредување за сите оние кои се во слични бизниси и кои можеби не се свесни за сериозноста на нивните даночни обврски. Тој исто така рече дека е наивен кога станува збор за плаќање данок и дека тешко се справува со сите долгови кои произлегуваат од несвесното игнорирање на тие обврски.
- Не го правете тоа што го направив јас, гласи јасната порака на Кинг.
Тој признава дека не добил конкретна помош од организациите за пикадо, кои само му плаќале награди, но не дале никакви насоки за решавање на неговите даночни проблеми.
Сега се соочува со можност да го загуби домот, но се помирил со тоа и верува дека дури и да изгуби се, може да почне од почеток. Она што најмногу го загрижува е што може да остане без своите три кучиња.