НАТО ќе распореди дополнителни авиони за поморско патролирање, радарски системи и беспилотни летала во Црното Море, соопшти Алијансата во вторникот. Ова доаѓа по серијата смртоносни напади со беспилотни летала врз пловила во тој регион – напади за кои се чини дека се поврзани со руската војна во Украина, пренесува Ројтерс.
Одлуката беше објавена откако Северноатлантскиот совет – главното тело за донесување одлуки во НАТО – разговараше за безбедноста во Црното Море во седиштето на Алијансата во Брисел.
Покрај авионите, беспилотните летала и радарските системи, земјите-членки на НАТО распоредија, или ќе распоредат, разузнавачки експерти и тимови за спроведување форензичка анализа на експлозивите, изјави воениот портпарол на НАТО, полковникот од американската армија Мартин Л. О’Донел.
НАТО не ја припиша неодамнешната серија напади на ниту една конкретна земја. Воените аналитичари сугерираат дека нападите речиси сигурно се извршени од Русија, иако Москва не презеде одговорност.
Минатата недела, седум морнари беа пријавени за исчезнати откако беспилотни летала удрија во два танкера за хемикалии во близина на романскиот брег на Црното Море, предизвикувајќи пожари. Инцидентот повторно ја разгоре загриженоста во врска со безбедноста долж виталната поморска рута што ја користи Украина.












