Во периодот од 21 до 24 октомври 2025 година тим наставници во ООУ ,,Свети Климент Охридски’’ во селото Драчево, општина Кисела Вода, го реализираа проектот Erasmus+ Game for sel, подржан од Еразмус+ програмата заедно со тимови од Република Турција, Австрија и Франција.
Како домаќини на првата мобилност со одделенскиот наставник Тања Петков – координатор, наставниците реализираа бројни активности: презентација на дигитална игра за врсничко насилство – сајбер насилство на социјалните мрежи (подготвена на порталот Genially). Во соработка со „Макпетрол“, која е креатор на платформата „Крени глас против врсничко насилство“, на тимовите им беа презентирани многубројни приказни од жртви на врсничко насилство покажувајќи ја целта која е охрабрување на учениците да пријават и побараат помош доколку се најдат во некоја слична ситуација.
Тимот од Македонија го претстави и прирачникот „Не молчи – прекини го кругот! Стоп за насилство!“ кој е изготвен од наставниците во нивните паралелки преку работилници кои помагаат за препознавање, спречување и надминување на врсничко насилство.
Прирачникот има ИСБН број и дозвола за печатење од Универзитетска библиотека и е во печатена верзија на македонски и на англиски јазик. Изготвен е и код преку кој училиштата и секој наставник можат да го користат во електронска форма.
Покрај бројните активности, тимовите гости ги открија убавините на нашата земја (скопското Кале, Старата чаршија, Матка, Охрид), а исто така ја вкусија и традиционалната македонска храна.
Следните мобилности се во Франција, потоа во Република Турција и Австрија.






