Претставата на МНТ „Народен пратеник“, по текст на комедиографот Бранислав Нушиќ и во режија на Егон Савин, ќе гостува во Србија, каде што на 8 април ќе настапи на јубилејното 30. издание на фестивалот „Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац, кој годинава се одржува од 3 до 9 април.
Претставата бележи значајна меѓународна сценска присутност, како дел од досегашната балканска турнеја. Досега има гостувано во Народното позориште во Белград, на сцената „Раша Плаовиќ“, во Црногорското народно позориште во Подгорица и на повеќе сцени низ Босна и Херцеговина. Претставата е изведувана и на реномирани фестивали, меѓу кои и „Стериино позорје“, и тоа пред регионална публика.
„Народен пратеник“ е добитник на повеќе значајни признанија, меѓу кои: главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Врање – највисокото фестивалско одликување и специјалната „Стериина награда“ за колективна актерска игра, доделена на 70. издание на „Стериино позорје“ во Нови Сад.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Претставата вечерва гостува и на 5. издание на фестивалот „5-РЕ“ во Велес.












