Намален е интересот за зимување во Бугарија. Од туристичките агенции велат дека, генерално, има пад на продадените аранжмани за зимување, бидејќи секаде е скапо. За некои дестинации веќе нема туристички аранжмани, туку се бара сместување во зависност од потребите на клиентите. Од туристичките агенции велат дека поради евтините летови од „Визер“, последниве години сè повеќе Македонци заминуваат на скијање во Австрија и во Италија, каде што цените се движат од 70 евра за лице на ден, па нагоре

Годинава нема голем интерес за зимување во бугарските туристички центри. И покрај близината и пониските цени, Македонците почнаа да ги заменуваат Банско, Боровец, Пампорово со зимските туристички центри во Австрија, Италија, Словенија… Туристичките работници велат дека и покрај тоа што бугарските ски-центри имаат долги скијачки патеки, убави пејзажи, прифатливи цени, добри услуга и храна, сепак, политиката си го направила своето. Од туристичките агенции велат дека поради евтините летови од „Визер“, последниве години сè повеќе Македонци заминуваат на скијање во Австрија и во Италија. Од агенциите велат дека има голем интерес и за бањите во Србија, кои се доста посетени од македонските туристи во текот на целата година.

–  Генерално, годинава интересот за зимување е многу опаднат. Веќе неколку години е намален интересот за зимување во Бугарија поради актуелните политички случувања. Порано имавме закуп на хотели во Бугарија, сега сè се сведува на  индивидуални аранжмани со сопствен превоз. Цените зависат од категоризацијата на хотелот, од местото и од сезоната, но, генерално, се движат од 30 евра за лице, па нагоре – изјави за весникот ВЕЧЕР Маја Димитровска од една туристичка агенција.

Таа додава дека и бугарските туристички работници со кои соработуваат забележуваат дека ги нема Македонците, кои беа чести гости изминатите години.

– Цените во некои хотели во Австрија и во Италија се речиси пониски од цените во бугарските туристички центри и од Копаоник, кој е прескап за нашиот стандард. Цените за хотелите на Копаоник што се наоѓаат кај ски-центарот се многу високи и изнесуваат и по 200 евра од ден. Ние имаме понуда за поевтините хотели во туристичката населба Брзече, каде што цените се од 50 евра за лице, па нагоре. Поради тоа, македонските скијачи последниве две години почесто одат на скијање во италијанските и во австриските скијачки центри, кои им се подостапни со летовите од „Визер“ – додава Димитровска.

Од агенциите велат дека е опаднат интересот за зимување во Бугарија и дека немаат пакет аранжмани како порано, туку се приспособуваат на потребите на клиентите. Најевтини се аранжманите за Банско, кои чинат 30 евра од ден за лице, во зависност од категоризацијата на хотелот.

Има голема побарувачка и за бањите во Србија, Врњачка Бања, Пролом, Луковска Бања… а цените се од 30 евра на ден, па нагоре.

Што се однесува до зимските туристички центри во Австрија, Италија, Франција, цените се движат од 70 евра за лице на ден, па нагоре. Некои од туристичките агенции имаат понуда на апартмани за во овие туристички центри, но не и аранжмани, туку клиентите сами си наоѓаат превоз и индивидуално си го планираат одморот во зависност од тоа колку дена сакаат да останат.

– Копаоник е блиску, но е многу поскап од бугарските туристички центри. Така, на пример, за седум дена со појадок и со вечера за двајца во хотел на Копаоник ќе платите 2.572 евра, односно 360 евра од ден, што е далеку поскапо во споредба со Пампорово, каде што за полупансион ќе платите околу 100 евра за двајца – велат од туристичките агенции.

Сепак, годинава велат дека нема голема побарувачка за зимските туристички аранжмани, бидејќи оние што одат на скијање, сами си букираат.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ