Афион, сончоглед, шеќерна репа, маслодајна репа, тутунот… кои порано ги извезувавме, сега сè помалку може да се видат по нивите низ Македонија. Во Пелагонија, која беше еден од најголемите производители на индустриски култури во поранешна Југославија, сега на нивите растат трње и плевел. Некои од овие индустриски култури се комплетно исчезнати, некои сѐ помалку се сеат, но факт е дека површините со индустриски култури континуирано се намалуваат. Од друга страна, Македонија троши милиони евра за увоз на финалните производи кои се добиваат од овие култури и покрај тоа што има услови за домашно производство.
– Со затворање на шеќераната во Битола згасна производството на шеќерна репа и на шеќерна трска. Сега нема кој да ги откупува овие култури и затоа веќе не се садат. Во поранешна Југославија, Пелагонија беше најголем производител на овие индустриски култури, а сега наместо нив по нивите расте само трње и плевел. Нема интерес да се сади ниту сончоглед бидејќи откупната цена е многу ниска. Лани беше 25 денари за килограм, а годинава очекувам да биде минимум 35 денари килограм зашто сè е качено. Освен тоа, имаме конкуренција од увозно нерафинирано масло кое ја бутка откупната цена на сончогледот – изјави за весникот ВЕЧЕР, Митат Исмаили, производител на сончоглед од Пелагонија.
Тој вели дека има склучено договор со „Благој Горев“ од Велес кој му дава семенски материјал и му го откупува целиот сончоглед. Сончогледот е берзански производ, па така цената во голема мера зависи и од берзата. Освен ниската откупна цена, производителите се жалат дека мора да го плаќаат превозот до фабриката. За разлика откај нас, секаде во светот превозот го плаќа откупувачот, а не производителот.
Земјава нема сопствено производство на шеќер и овој производ, главно, го увезува. Шеќераната во Битола не работи од 2015 година, а шеќерната репа на нивите ја нема од 2007 година, кога за последен пат се произведени 7.852 тони репа. Колку за споредба, во 1996 година во земјава се произведени 78.278 тони шеќерна репа. Битолската шеќерана во одделни години преработувала и по 160.000 тони.
Иако државата дава субвенции и за оваа култура, земјоделците немаат интерес повторно да ја одгледуваат. Годишно од земјава се одлеваат околу 40 милиони евра за увоз на шеќер.
И Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа вели дека голем дел од индустриските култури кои порано се одгледуваа во Македонија сега ги нема по нивите, а причините се ниската откупна цена, намалениот интерес и немањето откуп.
– Афионот порано се садеше, а сега е нерентабилен. Производството се намали откако откупната цена, која е многу пониска од производствената, падна од 5 на 2 евра. За разлика од порано кога заедно со тутунот беше еден од најдоходовните извозни производи, сега афионот речиси и да го нема на нивите. Нашиот афион е еден од најквалитетните во светот и освен афионово масло, од него се добиваат многу производи во фармацевтската индустрија. Има големи разлики во цената меѓу суровината и крајниот производ – вели Каракашев за весникот ВЕЧЕР.
Според него, Македонија има голем потенцијал за развој на оваа култура доколку таа биде реално вреднувана.
– Како што моментно стојат работите, со 2 евра откупна цена земјоделците немаат есап да го произведуваат. Ако се врати цената на 5 евра, може и афионот да се врати на нивите. Што се однесува до сончогледот, тој и сега се сади, но површините се многу намалени, а и климатските промени си го направија своето. Поради сушата, приносите со сончоглед се многу намалени. Поради ниската откупна цена, интересот за одгледување сочоглед е сè помал. Поради малото производство, нашата индустрија ја увезува и оваа суровина. Се увезува полупреработено масло кое е поевтино и кое тука се доработува и се добива масло за јадење – додава Каракашев.
Ако се анализираат стaтистичките податоци, може да се утврди дека пред повеќе од 30 години имало значително поголемо производство речиси на сите индустриски култури. Бројките покажуваат дека во последниве 30 години драстично се намалило производството на речиси сите поважни култури, односно на оние што помасовно се произведувале: сончоглед, шеќерна репа, тутун….
Само за споредба, во 1989 година биле произведени 152.995 тони шеќерна репа, а од 2009 година речиси нема производство. Кај сончогледот има повеќе од десет пати намалување, и тоа од 46.345 тони произведени во 1989 година на 3.379 тони произведени во 2018 година.
(А.С.)