Археолозите тврдат дека на албанската страна од Охридското Езеро пронашле докази за најстарата човечка населба на европско езеро, за која се претпоставува дека е стара до осум илјади години.
Група научници од Швајцарија и Албанија поминуваат три часа под вода секој ден, макотрпно отстранувајќи дрвени столбови на кои биле потпрени куќите, објави Ројтерс. Археолозите таму наоѓаат и коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со детални резби.
Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн изјави дека слични населби се пронајдени во алпскиот и медитеранскиот регион, но дека населбата во Лин, Албанија, е половина милениум постара, датирајќи од пред шест до осум илјади години.
„Органскиот материјал е добро зачуван бидејќи е под вода, а тоа ни овозможува да откриеме што јаделе овие луѓе, што саделе“, рече Хафнер. Неколку студии покажуваат дека Охридското Езеро, кое се наоѓа помеѓу Албанија и Македонија, е најстарото езеро во Европа, старо повеќе од еден милион години.
Староста на наодите се одредува со радиоизотопско датирање и дендрохронологија, која ги брои годините на дрвата. На локацијата беа собрани повеќе од илјада примероци од дрво. Се верува дека населбата, во која можеби живееле неколку стотици луѓе, се простира на околу шест хектари и дека сега, по шест години работа, ископан е само околу еден процент од вкупниот материјал.